Големо свлечиште се појави на патот од виничкото село Истибања до Македонска Каменица. Заменик-директорот на ЈП „Македонија пат“, Кире Коцев, вели дека патот е затворен, а екипите на „Македонија пат“ веќе работат на санирање на лизгарот.
– Има голема количина материјал, по наша слободна процена некаде околу 1.000 кубни метри. „Македонија пат“ со своите екипи е на местото, имаме дежурства 24 часа. Патот е затворен и веќе се работи и чисти од двете страни. Се надеваме дека денеска најдоцна до утре ќе го пуштиме патот за сообраќај – вели Коцев.
Тој додава дека патниците и возачите кои патуваат за Делчево и за Македонска Каменица ги пренасочуваат преку патот од Виница за Берово. Забележува дека на оваа делница има опасност од одрони поради обилните врнежи.
– Временските услови си го направија своето, има презаситеност на земјата со влага и доведе до овие причини. На оваа делница веќе еден месец ние постојано интервенираме – вели Коцев.
Пред два дена, исто така, имаше голем одрон на овој пат, кој беше саниран од страна на екипите на ЈП „Македонија пат“. Коцев апелира возачите внимателно да возат и на патот од Виница кон Берово и од Берово кон Струмица бидејќи има појава на помали одрони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.