Филип Мируловски е нов член на бунделсигашот Хановер, трансферот треба да биде комплетиран до крајот на неделава, а одличниот играч на македонскиот првак со пост на „Фејсбук“ се прости од својот матичен клуб и им се заблагодари на навивачите за поддршката.
„Не ми се веруваше дека некогаш ќе ги кажам овие зборови, ’си заминувам од Металург‘. По фантастични 12 години, ова е крајот. Како вчера да беше кога дојдов во Металург, бев пресреќен, нешто што не можам да го кажам сега кога заминувам. Ви благодарам на сите, за овие изминати години, за целата несебична поддршка што ми ја дававте, без разлика дали беше на трибини или преку социјалните медиуми. Голем наклон за мојата омилена навивачка група Пирати. Заедно се радувавме на победите и заедно тагувавме на титулите. Се надевам дека еден ден ќе се вратам и повторно ќе излезам пред полн ’Борис Трајковски‘ и повторно ќе го наполнам срцето. Засега можам да кажам дека заминувам, следна дестинација е Германија, Хановер, но ова нема да биде крај на мојата дружба со вас, ќе продолжиме да се дружиме и од таму. Уште една ви благодарам на сите. Само еден Металург“, напиша Миркуловски.
По 12 години тој ја менува средината и ќе игра во една од најсилните светски лиги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.