Екипите на ЈП „Комуналец“ од Струмица попладнево го санираа дефектот на главниот цевковод за дотур на вода до филтер станиците на Струмица и Василево.
Како што изјави Стојан Ефтимов, раководител во одделението „Водовод и канализација“ со максимален ангажман на вработените и механизацијата, успешно е саниран дефектот и се нормализира дотурот на водата од браната „Турија“.
– Беа оштетени две цевки со пречник Фи600, и целосно беше однесена подлогата во реката Турија. За санација на овој дефект вградивме 100 кубни метри песок и монтиравме нови цевки со што по 48 – часовен прекин, се нормализира дотурот на вода од брана „Турија“ до филтерстаниците, рече Ефтимов.
По санацијата на главниот цевковод се очекува нормализација на снабдувањето со здрава вода на општинските центри Струмица и Василево и селата Добрејци, Просениково, Дабиле, Градско Балдовци, Баница, Анѓелци, Градашорци и Едрениково.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.