На денешната прес-конференција РК Металург се очекуваше да ги разреши дилемите за тоа со кои играчи ќе ја продолжи сезоната и какви им се плановите за иднина, но претседателот на клубот Левче Китевски во пресрет на натпреварот од СЕХА против Нексе соошти дека Лино Червар продолжува со клубот и има договор до 2017 година.
– До крајот на денот или најдоцна до утре преку офицјално соопштение упатено до медиумите ќе информираме кои играчи остануваат во клубот, кои ќе си заминат. Тренерот Лино Червар веќе од денеска се става на располагање на екипата бидејќи доцна синоќа допатува во Скопје. Ништо друго немам да дополнам во врска со ова прашање и секако сакам да зборувам само за натпреварот против Нексе – изјави Левче Китевски.
Претседателот дополни дека амбициите од почетокот на сезоната остануваат исти и до крај ќе се борат за шампионатот на Македонија и одбрана на титулата.
– Како претседател на клубот може да кажам дека активно продолжуваме со натпреварувањето во Лигата на шампионите, домашното првенство и СЕХА, а нашите амбиции за сезонава остануваат освојување на шампионската титула – додаде Китевски.
Натпреварот против Нексе се игра в недела со почеток во 20.15 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.