Серена Вилијамс против Марија Шарапова во финалето на Отвореното првенство на Австралија во Мелбурн. Меч за титула и дуел на двете големи тениски ѕвезди, спектакл на најдоброрангираните на планетата во моментов. Серена Вилијамс ќе ја има улогата на фаворит и ќе се обиде да ја збогати неверојатната колекција на гранслем-круни на 19 и, секако, да ја продолжи неверојатната доминација против популарната Маша во последната деценија. Од 2005 година скорот во меѓусебните мечеви е 15-0 во корист на 33-годишната Американка, која е број 1 на светската тениска ранг-листа.
Шарапова важи за најпопуларна и најскапоплатена светска спортистка, моментно второрангирана на листата на ВТА. Има 5 гранслем-титули, а во Мелбурн утре сака реприза од сензационалната победа на Вимблдон во финалето во 2004 година против Серена. Триумф што одекна како гром во светот на спортот. Вилијамс тогаш беше апсолутно неприкосновена на тениските терени и сите очекуваа лесен триумф против непознатата 17-годишна тинејџерка Шарапова. Девојчето со „кики“ не се уплаши од моќната Американка и со феноменална игра буквално ја збриша од Централниот терен на клубот „Ол Ингланд“. Блескава победа од 6-1, 6-4 на новата тениска ѕвезда и тежок пораз на асполутната владетелка на тениските терени во новиот милениум.
Со евентуален триумф Серена ќе стигне до 19. гранслем-трофеј и ќе ја има втората најбогата колекција во ерата на отворените првенства. Неприкосновена е Штефи Граф со 22 титули, а Вилијамс помладата го дели второто место со Мартина Навратилова и со Крис Еверт.
Дополнителен мотив за Американката е и страшната серија од 15-0 против Маша во последните 10 години. Шарапова нема рецепт како да ја надмудри Серена, а особено ја печат поразите во финалињата на ОП на Австралија во 2007 година, потоа на ЛОИ во Лондон 2012 и следната година во Париза на Ролан Гарос.
Интересен податок е што двете финалистки на ова издание се единтвените активни тенисерки што ги имаат освоено сите 4 гранслем-турнири. Шарапова ќе игра и против традицијата, која вели дека во непарните години нема гранслем-титула. Досега ги има пет наредени во 2004, 2006, 2008, 2012 и во 2014 година.
По пауза од 11 години во Мелбурн, гледачите ќе имаат можност да следат финале на двете најдоброрангирани тенисерки. Последен пат мегадуел на број 1 и два на ВТА-листата се случи во 2004 година кога подоброрангираната Жистин Анен во белгиското финале ја совлада Ким Клајстерс.
Огромниот ривалитет меѓу двете тенисерки дополнително се зголеми и по љубовните авантури со бугарскиот тенисер Григор Димитров. Тој беше во врска со Серена Вилијамс, а потоа се најде во прегратките на Марија Шарапова. Во 2013 година во интервју за еден магазин, Вилијамс ја рангираше Марија во топ 5 личности што не ги поднесува.
Шарапова возврати со контраудар изјавувајќи дека Серена треба да се грижи за себе и да внимава на своето момче „и да не се плетка со човек што е женет“, алудирајќи на Патрик Муратоглу, кој е тренер и љубовник на Вилијамс.
Ривалството е огромно, а дали Шарапова ќе успее да го репризира блесокот од Вимблдон 2004 или Вилијамс ќе ја продолжи импресивната низа од 15-0 (вкупно 16-2) против Русинката ќе се знае утре. Мечот почнува во 9.30 часот по средноевропско време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






