| четврток, 6 декември 2018 |

Бенце: Унгарија е значаен партнер и поддржувач на Македонија

За да успееме секогаш треба да работиме во партнерство. Во изминатите 20 години воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Унгарија и Македонија водеше кон развој и создавање заедничко стратешко партнерство. Соработката и заедничката поддршка постојано се засилуваат, особено кога станува збор за прашања поврзани со ЕУ.

Ова го истакна денеска во Скопје амбасадорот на Унгарија Јожев Бенце на примопредавањето на донацијата од унгарската Влада на Центарот за обука при Секретаријатот за европски прашања, а по повод одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи со Република Македонија.

– Покрај Македонија, унгарската надворешна политика и нејзините напори денес се насочени кон целиот балкански регион каде го поддржуваме проширувањето на ЕУ засновано на европските критериуми, порача амбасадорот Бенце.

Тој подвлече дека денешната донацијата е проект, кој е дел од угарските големи напори да ги доближат Европа и Македонија поблиску една до друга и посебно да придонесат кон јакнење на капацитетите на администрацијата.

Најави дека во рамки на блиските односи меѓу двете земји наскоро официјална Будимпешта долгорочно во Македонија ќе го назначи унгарскиот експерт, амбасадорот Чаба Залаи со задача да им помага на македонските институции во контекст на евроинтеграциите. Тоа, додаде Бенце, ќе претставува клучен придонес на унгарската Влада за македонските евроинтеграции.

Државниот секретар при Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажеска, која заедно со амбасадорот Бенце открија табла со која се одбележува јубилејот и донацијата, се заблагодари за донацијата и ја подвлече долгогодишната континуирана поддршка на Унгарија на македонските евроинтеграции.

– Уверена сум дека оваа помош ќе претставува начин да се зголемат позитивните резултати кои ги постигнува Република Македонија во насока на поуспешно и побрзо вклучување во европското семејство. Дополнително, низ годините РМ постојано покажува успех во подготовката на сопствените капацитети за членство во ЕУ, хармонизацијата со европското законодавство како и управувањето со европските фондови. Почетокот на преговорите за нас ќе има позитивно влијание врз реформскиот моментум кога станува збор за македонското општество, ќе го поттикне приближувањето на земјата кон ЕУ и ќе го зајакне кредибилитетот на ЕУ во однос на политиката на проширување, рече Блажеска.

Таа подвлече дека за Македонија ќе има голема придобивка од унгарското знаење и експертиза за подготовка на проекти и програма во насока на усогласување со европското законодавство и користење на европките фондови.

Донацијата се состои во неколку компјутери наменети за потребите на Центарот за обука на Секретаријатот за европски прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top