| четврток, 6 декември 2018 |

Samsung Galaxy S4: Сè што треба да знаете (фото + видео)

Вчеравечер на полноќ, во Њујорк, официјално беше претставен долгоочекуваниот наследник на најпопуларниот Android телефон во светот. Samsung Galaxy S4, конечно, е тука, а ние ќе ви пренесеме сè што треба да знаете за него

По голем број на тизер видеа и шпекулации, Samsung Galaxy S4 е конечно пред нас. Минатогодишниот модел од Galaxy S серијата, односно Galaxy S3, е најпопуларниот Android телефон во светот со 40 милиони продадени единици. Дали Galaxy S4 може да ги исполни високите очекувања?

Да погледнеме подетално што Samsung ни презентираше на настанот во Њујорк.

Дизајн

Првото нешто кое се забележува за новиот модел е неговата сличност со Galaxy S3. Всушност, ние мислиме дека ова е добро нешто. Samsung на суптилен начин ја зголеми големината на екранот од 4.8 инчи на 5 инчи, но сепак на прв поглед уредот изгледа помало и покомпактно. Должината му е 5.46 инчи, широк е 2.75 инчи и има дебелина од само 0.31 инч. Споредено со S3, телефонот е потенок и потесен, а иако има поголем екран, сепак е подолг за само 0.08 инчи. Тежината му е 130 грама, што го прави 25 грама полесен од својот претходник.

Бидејќи Samsung остварува одлични продажби со S3, очигледно е дека пристапот овде е „доколку не е расипано, не го поправај“. Сепак, мислам дека слободно може да кажеме дека според сите прототипи и концепти од фанови кои се „врткаа“ на Интернет – очекувавме малку повеќе.  Чуството на пластика кое го имавме со S3 веројатно е уште поголемо кај S4, споредувајќи го со конкуренцијата (iPhone 5 и HTC One), чии телефони користат премиум материјали и навистина изгледаат одлично, односно соодветно за 2013. Сепак, останува да го тестираме во живо и да видиме како ни „лежи“ во рака.

Телефонот е целосно направен од поликарбонат и ќе биде достапен во две бои: black mist и white frost.

Хардвер

Телефонот, пред се, поседува Super AMOLED екран кој поддржува FullHD резолуција, односно 1080p. Тоа значи 441 PPI (Pixel per inch). Според посетителите на конференцијата кои имаа можност да го користат уредот, екранот е со живи бои и одличен за работа. Во зависност од пазарот, телефонот ќе биде опремен со два различни процесори. Првиот е quad-core 1.6 GHz Cortex-A15, додека пак вториот е quad-core 1.2 GHz Cortex-A7, а ова е надополнето со 2GB RAM.

Посебниот инфраред сензор кој е вграден во уредот е „закана“ за далечинскиот управувач за вашиот телевизор. Услугата на Samsung, WatchOn, е замислена да биде ваш виртуелен ТВ водич за полесно користење.

Батеријата е 2,600 mAh, а на презентацијата Samsung не специфицираше колку точно издржливост ќе ни донесат овие бројки. Компанијата вети дека константно работи на софтверски оптимизации кои ќе ви помогнат да го извлечете максимумот од батеријата.

Телефонот може да биде со 16GB, 32GB или 64GB простор за складирање, кој може да биде надополнет преку MicroSD картица. Исто така, S4 ќе биде опремен со Wi-Fi, Bluetooth и NFC чип.

Камерата – најголемиот хардверски адут на S4

Телефонот поседува задна камера од 13 мегапикселни и предна камера од 2 мегапиксели. Софтверот за сликање има голем број од опциите кои ги поседуваше и Galaxy S3, а вкупно постојат 12 различни модови на сликање. Една од новите опции е DualShot, каде што во исто време можете да сликате со предната и задната камера, а потоа да ги искомбинирате двете слики во една.

Уште една интересна опција е Cinema Photo, каде што една од вашите фотографии може да се мрда, додека други седат „мирни“. Задната камера исто така има можност да снима во 720p. Посетителите беа импресионирани од квалитетот на слики и видеа на Galaxy S4, односно камерата се приближува кон најдобрите во индустријата – Nokia Lumia телефоните.

Софтвер

Се чини дека софтверот на телефонот е делот каде што Samsung најмногу експериментирал и „се забавувал“. Телефонот ќе доаѓа со најновата верзија на Android, односно 4.2.2. Освен основните функционалности кои ги нуди Android, Samsung додаде голем број на иновативни Galaxy функционалности. Да погледнеме дел од нив:

Smart Scroll: Пред официјалната презентација, постоеја голем број на шпекулации дека телефонот ќе ги користи нашите очи за скролање на веб страните. Ова сепак се покажа како невистинито, но Samsung покажа слична функционалност. Преку Smart Scroll, телефонот знае кога гледаме во него и ни дозволува да скроламе со тоа што ќе го мрднеме надоле или нагоре. Ова звучи интересно, сепак тие што го пробаа уредот се жалат на несакани скролања и голем број на проблеми со функцијата.

Smart Pause: При гледање на видео, ако вашите очи престанат да гледаат во екранот – видеото се паузира. Функцијата работи одлично и ни заштедува една „вишок“ акција во животот, а тоа е да го паузираме видеото секој пат кога ќе сакаме да станеме.

S Health: Ова е одреден вид на фитнес апликација која е интегрирана во вашиот телефон. Што е всушност одлична идеја…апликацијата следи додека трчате, качувате скали, има сензори за температура и влажност и може да врши мониторинг врз храната и калориите кои ги конзумирате. Во иднина ќе има и посебни додатоци кои ќе ви помогнат уште подетално да го следите вашиот напредок и здравје.

Air View и Air Gesture: Слично како и кај Galaxy Note II, можете да лебдите со вашиот прст над екранот за да видите дополнителни информации. На пример, доколку лебдите над галерија – ќе видите preview на сликите во неа, доколку лебдите со прст на e-mail, накратко ќе ја видите неговата содржина и слично. Исто така, можете да менувате таботи во веб-прелистувач со „мавтање“ лево или десно, а истото може да се користи и за менување песни.

Group Play: До 8 S4 телефони може да бидат конектирани преку оваа апликација и NFC, за да споделуваат слики, документи или други податоци.

За жал, засега нема детални информации за датумот на продажба на уредот и неговата цена. Samsung изјави дека телефонот ќе биде достапен некаде во април, што значи дека ни останува само уште околу месец дена за да го имаме во нашите раце.

Превземено од www.gsm.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top