На седницата на Собранието на СОКОМ, која се одржа минатиот петок беа примени двајца нови членови во здружението. На предлог на Претседателството на СОКОМ, Собранието на Асоцијацијата донесе одлука со статус на вонреден член да бидат примени композиторите Маријана Јаневска и Никола Крстевски. Собранието донесе одлука во своите редови како почесни членови да ги прими диригентот Фимчо Муратовски, пијанистката Јасминка Чакар и оперската певица Милка Ефтимова за нивните повеќедецениските заложби и заслуги во афирмацијата на македонското музичко творештво и култура. Тие се воедно и првите македонски граѓани кои се стекнаа со ваков статус во СОКОМ.
Маријана Јаневска (Скопје, 1990) дипломира виолина на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа проф. Михајло Куфојанакис). Паралелно со студиите по виолина, во 2012 година се запишува на одделот за композиција, каде во моментов е студент на трета година во класата на доц. м-р Дарија Андовска. Посетувала семинари и предавања кај професорите Најџел Кларк и Ино Миркович. Во 2012 и 2013 година била дел од филмската работилница на ФМУ со предавачи од Холандија, а минатата година партиципирала во работилницата на Филип Манури и Питер Аблинџер во Сарајево, БиХ. Од почетокот на студиите редовно се претставува со свои композиции на фестивалот „Денови на македонска музика“. Добитник е на неколку награди и признанија на државни и меѓународни натпревари по музика, меѓу кои и Специјална награда за композиција на меѓународниот натпревар во Ниш, Србија (2013). На неодамнешниот Конкурс за нови музички дела на Министерството за култура на Република Македонија, Јаневска беше наградена со прва награда во категоријата гудачки квартет и втора награда во категоријата мешан хор. Автор е на солистички, камерни и дела за хор.
Никола Крстевски (Неготино, 1993) е студент на трета година на одделот за композиција (класа доц. м-р Дарија Андовска). Во 2012 година учествува во работилница за sound design и музика за филм во Скопје, а во 2013 година и во првата официјална соработка помеѓу Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмска уметност, каде исто така, работел на музика за филм. Има напишано солистички, хорски и камерни дела и е редовен учесник на фестивалот „Денови на македонска музика“. Во 2014-та година добива две награди на конкурсот за откуп на музички композиции од Министерството за култура на Република Македонија – прва награда во категорија за гудачки оркестар со композицијата “Dis:solving” и втора награда во категорија за хорски композиции со композицијата „Моли Бога о мне”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Прво ЦД издание на македонскиот композитор Вулнет Таири
-
СОКОМ и годинава учесник на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори
-
Наградените композитори се огласија: Сеуште не сме добиле решенија и договори , а министерот за култура цели 10 месеци одбива средба со СОКОМ
-
СОКОМ наградата „Георги Божиков“ им ја додели на „Биг бенд“ за најуспешна изведба на македонско дело во изминатата година