Пред зградата на Универзална сала денеска министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, најави дека, наместо реконструкција, ќе се гради нова сала и дека процедурата ќе почне веднаш по завршувањето на локалните избори.
Министерката истакна дека било утврдено оти самата реконструкција на објектот нема да доведе до решавање на некои важни прашања околу функционалноста на објектот, челичната конструкција и администрацијата.
Направените анализи покажале дека со самата реконструкција постојниот објект бидејќи е стар 47 години, нема да може да го издржи зголемувањето на количината на арматурата, но и доколку се оди со реконструкција, нема да може да се зголеми бројот на седишта во самиот објект.
– Имено, сега Универзална сала има 1.500 седишта, а се планира и потребата беше да бидат од 2.500 до 3.000 седишта сѐ со цел самиот објект да има мултифункционална димензија.Со самата реконструкција не може да се задоволат овие барања и од тие причини сметаме дека е потребно и подобро да се изгради нов објект на самото место каде што постои Универзална сала. Тука го решаваме и прашањето околу административниот простор бидејќи со самата реконструкција, тој административен простор требаше да оди надвор од објектот, како доградба, а се решава и прашањето со паркирањето бидејќи ако се одеше со реконструкција паркингот ќе требаше повторно да биде надвор од објектот, а сега паркирањето ќе биде во самиот објект – нагласи Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.