| четврток, 6 декември 2018 |

Стопиран филмот на Скорсезе за Бил Клинтон

Документарниот филм на славниот холивудски режисер Мартин Скорсезе снимен за ХБО ТВ за поранешниот 42-ри американски претседател Бил Клинтон, е ставен „во шкаф“ на неодредено време поради несогласување „околу контролата над филмот“, пишуваат американските медиуми.

Според весникот Њујорк тајмс, од проектот кој беше најавен 2012 година се откажале бидејќи Бил Клинтон барал поголема контрола над прашањата за интервјуата, како и над финалниот производ, но неговиот портпарол одговорил дека тоа тврдење е „неточно“.

Кабелската телевизија ХБО, на којашто филмот требаше да биде прикажан, објави дека емитувањето нема да се случи наскоро, меѓутоа дека тоа не значи оти никогаш нема да биде прикажан.

Филмот делумно е снимен во текот на последните две години, а во него беше најавен и дел за филантропските посети на Клинтон на Јужноафриканската Република.

Телевизијата ХБО во 2012 година објави дека ги здружиле силите со култниот режисер и оскаровец Мартин Скорсезе, кој ќе го режира и со продуцентот Стив Бинг ќе го продуцира филмот со целосна поддршка на Бил Клинтон, а документарниот филм требаше да биде сторија за двата негови претседателски мандата, неговиот живот по напуштањето на Белата куќа и односот со неговата сопруга Хилари Клинтон, која во првиот мандат на актуелниот претседател Барак Обама стана државна секретарка а се споменува и како претседателски кандидат на демократите во 2016 година.

„Тој и натаму е присутен и неговиот глас е многу моќен во сите светски одлуки Претседателот Клинтон се’ уште претставува авторитет и светскиот политички дијалог без него не би бил ист“, изјави тогаш Скорсезе, додавајќи дека се надева оти ќе успее во најдобра светлина да го претстави 42-от претседател на САД.

Клинтон пред две години изрази одушевување што ќе соработува со легендарниот режисер и што од ХБО се согласиле да работат на филмот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top