САД нема да дозволи Техеран да развие нуклеарно оружје, но ако проблемот не се реши со дипломатски напори, неизбежна ќе биде воена интервенција од која стравуваат и двете страни, затоа што Вашингтон, по Ирак и Авганистан ќе биде вовлечен во уште еден долг и крвав конфликт. Меѓутоа, зад завесите на шестпартитните преговори, инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), како и често повторуваните закани од Техеран и од Вашингтон, повеќе од јасно е дека веќе е во тек тивка војна меѓу САД и Израел од една и Иран од друга страна. Се водат тајни операции, се вршат атентати и саботажи…
Но, можеби најнепредвидливиот елемент на тајната војна на Западот е сајбер војната која стана најголем адут на Вашингтон и Тел Авив. Сајбер инвазијата прв пат излезе на виделина во ноември минатата година со случајно откривање на сајбер напад, во кој бил користен софтвер познат како “Stuxnet” кој е дизајниран за да направи оштетувања од големи размери на способноста на Иран да го контролира збогатувањето на ураниумот преку своите центрифуги. Овој вирус се смета дека е само дел од можностите на американско-израелските заеднички сајбер воени напори кои се обидуваат брзо да ја прошират битката во сајбер просторот. Од тоа колкав успех ќе имаат САД и Израел во сајбер војната, ќе зависи дали ќе започне уште една вистинска, крвава војна на Истокот.
ИРАНСКИТЕ КОМПЈУТЕРИ ПОЛНИ СО АМЕРИКАНСКИ ВИРУСИ
Јавна тајна е дека ЦИА и МОСАД имаат развиено неколку софтверски вирусни програми кои ги користат во виртуелната војна за шпионажа на компјутерските системи на Иран. Таканаречените малициозни софтвери Flame, Stuxnet, Gauss, Miniflame и уште неколку други се модерните оружја кои Вашингтон ги користи за напад на странските системи, но и за нивно деградрање или целосно уништување на електронските мрежи на противнците. Тешката енкрипција и природата на најновите софтверски програми од овој тип укажуваат дека зад нив стои военото разузнавање. Компјутерските експерти сметаат дека со самото тоа што е воспоставена конекција меѓу неколку силни вирусни програми како Flame, Stuxnet и Duqu, може да се заклучи дека сите овие усовршени закани доаѓаат од иста сајбер- воена фабрика. Предвидувањата се дека глобалната сајбер војна која е во полн замав годинава ќе доживее кулминација. Една од најсофистицираните програми што ги користат шпионските служби на САД и Израел е вирусот познат како Miniflame. Оваа програма за сајбер шпионажа прави неверојатни работи во комбинација со софтверските програми Flame и Gauss. Овој вирус наводно веќе ги „инфицирал“ компјутерските системи во Иран, Сирија, Египет, Пакистан, Либан, Франција и Литванија. Тоа е мала и многу флексибилна програма, дизајнирана за кражба на податоци и за контрола на инфицираните системи за време на таргетираните операции во сајбер шпионажата. Се смета дека користејќи ги овие вируси, САД не само што успева да ги отежнува напорите на иранските власти за создавање на нуклеарна бомба, туку може и да ја активира бомбата кога ќе биде создадена.
Така, планинските масиви под кои Иранците ја кријат бомбата, нема да бидат сериозно засолниште до кое нема да може да допрат американските разузнавачи. Софтверот што се користи за сајбер војувањето се состои од програми дизајнирани да го нарушат работењето на непријателските компјутерски системи. Оттаму се собираат информации преку неовластен пристап до системските ресурси. Малициозниот софтвер вклучува компјутерски вируси, црви, тројански коњи и друг вид на не сакан софтвер или програма.
Miniflame се инсталира на компјутер кои веќе се заразени од овие вируси. Тоа е всушност високо прецизна алатка за напад- сајбер оружје кое се користи во вториот бран на сајбер нападите. Пред него се корстат програмите Flame и Gauss за да заразат што е можно повеќе непријателски компјутери и да украдат што поголем број информации. Откако ќе бидат прибрани и обработени информациите, се бираат потанцијални жртви меѓу нив, а потоа се инсталира Miniflame за поопсежна сајбер шпионажа. Службите кои ги користат овие програми можат многу лесно да си ги прикријат трагите погрешно насочувајќи го непријателот во разни земји од светот.
ИРАНСКИТЕ ХАКЕРИ ГИ НАПАЃААТ АМЕРИКАНСКИТЕ БАНКИ
Во американско- израелско- иранската сајбер војна не се поштедени ниту американските институции. Иранскиот хакери со помош на властите во Техеран во текот на минатата година извршија пет сериозни напади врз финансискиот сектор во САД. Кулминацијата беше во септември кога беа извршени серија напади врз најголемите американски банки Bank of America Corp, J.P. Morgan Chase & Co., U.S. Bancorp, PNC Financial Services Corp. и Wells Fargo & Co. При нападите хакерите оставиле “потписи” кои американските инспектори ги навело на трага која водела до иранската влада. Истрагата утврдила дека во нападите биле изведени од стотина компјутерски специјалисти кои користеле компјутери на иранските универзитети, но и во иранските безбедносни служби. Одговорноста за нападите ја презеде организацијата која себе си се нарекува The Qassam Cyber Fighters. Нападите наводно биле одговор за антиисламскиот филм „Невиноста на Муслиманите“, но американските власти причината за нападите ги поврзаа со зајакнатите санкции на САД кон Иран.
САЈБЕР ОРУЖЈЕТО МОЖЕ ДА НЕ ВРАТИ ВО ЕРА БЕЗ ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Сајбер оружјето се разви до таа мерка што веќе излегува од контрола. Ниту една влада не може да гарантира дека може да се заштити земјата или лице од сајбер напад. Глобалните сајбер воени тактики стануваат се пософистицирани, но во исто време и се поопасни. Во август минатата година мета на сајбер напад беше најголемата компанија во светот за нафта и гас Сауди Арамко. По електронски напад со вирусот „Shamoon“ што онеспособи 30.000 компјутери во нафтениот гигант од Саудиска Арабија следуваше и пријава за инфицирани системи од страна на иранска нафтена компанија. Овие напади му покажа на светот колку човештвото денес е зависно од интернетот и информатичката технологија генерално, односно колку сме ранливи. Двете најголеми сајбер пандемии што може да бидат предизвикани се целосното блокирање на интернетот и напади со кои ќе биде оштетена клучната инфраструктура. Заканите секојдневно се мултиплицираат затоа што вирусните програми кои се пуштаат низ компјутерските системи брзо излегуваат од контрола, а такви софицистицирани сајбер оружја можат да предизвикаат несогледливи последици уривајќи ја инфраструктурата во светот, но и да предизвика многу штети и невини жртви. Неконтролираните интернет закани можат да ја вратат Земјата во ера без електрична енергија и без транспорт. Сепак, компјутерските експерти велат дека исклучително софистицираниот малициозен софтвер дизајниран од страна на американските и израелските разузнавачки служби кој се користи за напади врз иранските комуникациски системи е напарвен од претпазливи професионалци, со цел да се минимизира колатералната штета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.