Вашиот последен албум го посветивте на својата сопруга. Ниту една песна нема да ја намали болката ниту еден стих нема да ја врати сопругата. Но, децата се тие за кои мораме да живееме. Како се снаоѓате во улогата и на мајка и на татко на двете ќеркички?
Кузмановски: Албумот насловен како „Крал без круна“ е издаден во 2013 година, тоа беше дивиди-издание од мојот концерт реализиран во 2012 година, со цеде на кое се најде новиот материјал на кој работевме. На него се снимени две песни кои се посветени на мојата почината сопруга. Секој наоѓа начин како да најде утеха и како да ја надмине болката, јас одлучив да продолжам со мојот живот и со работата. Преку тие две песни се искажани моменти, емоции преку кои секој што доживеал загуба може да се пронајде, а воедно и споменот за загубениот да биде постојано жив. Веќе поминаа две години од смртта на мојата сопруга, во такви моменти не останува ништо друго освен да продолжиш да живееш, споменот за неа го негуваме. Како и сите останати луѓе, и јас продолжив да живеам со моите две ќерки, со добра организација сè може да се постигне. Особено ме радува што моите ќерки се добри деца, тие се насмеани, весели, среќни, одлични ученички, одговорни за себе и за своите обврски. Ќе продолжиме заедно со исто темпо и ќе совладуваме сè што ќе нè стигне, и добро и лошо.
Која од песните од последниот албум буди најмногу емоции кај вас?
Кузмановски: Секоја песна кај мене има свое емотивно доживување.
Ја наполнивте Универзална сала неколку пати. Минатата година направивте емотивна концертна промоција, која никого не го остави рамнодушен. Дали е време за нов солистички концерт?
Кузмановски: Концертот помина одлично, веќе работам на негово дивиди-издание, кое наскоро ќе биде промовирано со новото цеде. Задоволен сум што во ова време-невреме, кога тешко се обезбедуваат средства за реализација на концерт, јас успеав. Билетите беа продадени две-три недели пред концертот. Ете тоа е тоа што ме стимулира и ме движи да одам напред. Во врска со нов солистички концерт оставам отворено, за првото полугодие од годинава имам други професионални планови, а натаму ќе видиме. Имено, во февруари е закажана промоцијата на моето најново цеде, сè е завршено, а истовремено ќе има и промоција на три нови видеозаписи. На цедето ќе има сосем нов материјал, кој верувам дека ќе помине одлично
Вие сте еден од музичарите што минатата година добија субвенција? Колку субвенцијата е поттик за создавање нови музички дела?
Кузмановски: Да, јас добив субвенции од државата и сметам дека потегот е одличен. Треба да се негува и создава македонската музика, а досега не постоел таков механизам за наша поддршка. Но, сметам дека истовремено, покрај субвенциите за создавање нови дела, треба да постои и начин кој ќе направи промоција на сè што е создадено, народот да чуе, да стане познато, прифатено, а тоа може да се случи доколку имаме поддршка од телевизиите и од останатите медиуми. Во моментов на телевизиите се прикажуваат разни ТВ-шоу кои не се наши, се пуштаат песни од нашето соседство. Немам ништо против никого, но имам против тоа што се случува.
Излегоа многу песни низ годиниве, но секогаш препознатлива за вас ќе биде „Не кани ме“. Кога првпат ја отпеавте песната, очекувавте ли дека ќе стане најбараната фолк-песна во последните години? Ви пречи ли што многумина ве знаат токму по „Не кани ме“?
Кузмановски: Воопшто не ми пречи дека луѓето ме препознаваат или поврзуваат со „Не кани ме“, но мислам дека ме познаваат и како Миле Кузмановски. Песната е неповторлива и таа ќе трае, впрочем народот ја избра и за најслушана кога славевме 20 години независност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.