| четврток, 6 декември 2018 |

ЕЦБ ќе купува обврзници од над илјада милијарди евра, еврото падна

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска донесе одлука без преседан во историјата на еврозоната, проширувајќи ја програмата за купување имот и државни обврзници во месечна сума од 60 милијарди евра.

Програмата ќе почне да се спроведува во март годинава, а ќе трае до крајот на септември 2016 година, најави првиот човек на банката, Марио Драги. Тоа значи дека вредноста на купените обврзници до крајот на програмата би надминала илјада милијарди евра.

ЕЦБ досега ги исцрпи речиси сите инструменти што ѝ стоеја на располагање, вклучувајќи и купување осигурани вредносни хартии и обврзници, а Драги во повеќе наврати истакнуваше дека управниот одбор на ЕЦБ е подготвен да ги преземе сите неконвенционални мерки за да го поттикне економскиот пораст во еврозоната, кој е слаб, и да ја искорени дефлацијата.

Според Драги, програмата ќе се спроведува сè додека инфлацијата не достигне одржливо ниво од речиси два отсто.

Ваквата одлука на ЕБЦ предизвика нагло опаѓање на еврото во однос на доларот, па на Лондонската берза падна на 1,1513 долари од утринските 1,162 долара.

ЕЦБ реши да ја задржи референтната камата на 0,05 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top