| четврток, 6 декември 2018 |

Хамонд: Ќе бидат потребни две години за исфрлање на ИС од Ирак

На Меѓународната коалиција против џихадистите од Исламската држава (ИС) можеби ќе ѝ биде потребно до две години за да ја протера од Ирак оваа милитантна групација бидејќи ирачките сили со месеци се далеку од поведување вистинска борбена операција, предупреди во четвртокот британскиот министер за надворешни работи, Филип Хамонд.

Говорејќи како домаќин на собирот во Лондон на претставниците на 21-члената меѓународна коалиција предводена САД, шефот на британската дипломатија Филип Хамонд изјави дека задачата за протерување на Исламската држава од Ирак ќе биде побавна, како и дека ирачките безбедносни сили се сè подобри, но сè уште се далеку од можноста да поведат сеопфатна копнена офанзива.

-Тоа нема да може да се нашправи за три или за шест месеци. Ќе бидат потребни ена – две години за Исламската држава да биде исфрлена од Ирак, а ние го правиме тоа што треба да се направи за да направиме пресврт – изјави Хамонд за телевизијата „Скај њуз“.

На средбата во четвртокот, на која учествува и американскиот државен секретар Џон Кери и ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади, ќе бидат разгледувани начините за интензивирање на кампањата против џихадистите во Ирак и во Сирија, како на воен план, така и на планот на спречувањето на финансирањето на џихадистите и спречувањето на прилив на странски борци, особено од западните земји.

Ирачкиот премиер Абади, кој ќе поднесе извештај за напредувањето на својата влада во соочувањето со Исламската држава, пред состанокот се сретна со британскиот премиер Дејвид Камерон, кој му кажал дека Велика Британија е подготвена да направи повеќе во тој поглед.

– Со заканата од екстремниот тероризам со кој веќе се соочувате во Ирак, се соочуваме и ние тука во Велика Британија – изјави Камерон.

На соговорникот од Ирак му рекол дека ќе направи сè за странските борци да бидат спречени да доаѓаат во неговата земја и таму да „придонесуваат за создавање на хаосот на кој сме сведоци“.

Извор: Макфакс

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top