На 2 и на 3 февруари гостин на Драмскиот театар во Скопје ќе биде театарот „Керемпух“ од Загреб, Република Хрватска.
На 2 февруари, со почеток во 20 часот, ќе се прикаже претставата „Јазовец во Керемпух“, авторски проект на исклучително актуелниот хрватски режисер Оливер Фрљиќ. Ова е хит претстава на театарот „Керемпух“, актерски и тематски многу умешно споени четири стендап-настапи. Вистинита и умна сатира, обогатена со брилијантни актерски остварувања, кои гарантираат извонредно забавна вечер со гостите од Загреб.
Во претставата играат: Хрвоје Кечкеш, Вилим Матула, Борко Периќ и Ракан Рушаидат.
Следниот ден, на 3 февруари (20 часот), првпат во Македонија ќе гостува претставата на македонскиот режисер Александар Поповски „Да живее Хармс! Чудата постојат“.
Ова е претстава која прашањата на апсурдот, пародијата и на хуморот воопшто не ги третира еднодимензионално, вкалапено и предвидливо.
Возбудлив театар кој се впушта во ризик, во своевидна авантура, театар кој произведува неочекувани резултати. Во претставата „Да живее Хармс! Чудата постојат“ играат: Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Рушаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ Валентиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.