Само треба да се погледне колекцијата на медали на Хрватска за да стане јасно со кого играме денеска на мундијалот, кој е фаворит во групата Б, па и дел од главните претенденти за светската круна во Катар. Популарните „огнени“ во витрините имаат две олимписки злата, една светска круна, а недостига само најсјаниот медал од ЕП, каде што на двапати губеа во финален натпревар.
Во Катар поставија несекојдневен рекорд со 11 учества едноподруго на ракометните мундијали. Составот што го имаат светските прваци од 2003 година е вистински ракометен дрим-тим. Игор Вори, Домагој Дувњак, Иван Чупиќ, Марко Коплјар, Мирко Алиловиќ, Јаков Гојун, Игор Карачиќ и уште десетина врвни асови му се на располагање на селекторот Славко Голужа. Го нема Јосип Валчиќ поради повреда, но слатките маки кој да игра му остануваат на Голужа.
Едноставно, во таборот на Хрватите има премногу индивидуален квалитет, што треба само да се преточи во тимски дух за успешен настап во Катар и за продолжување на традицијата во освојување медали на големите натпреварувања.
Опасноста демне од сите позиции, а Хрватите имаат и силна клупа, како дополнителен адут на еден од најквалитетните состави за настап на тежок турнир каков што ќе биде мундијалот во Катар.
Дербито на Б рундата почнува во 17 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.