Филип Миркуловски игра мошне зрело, видливо е акумулираното искуство од настапите на големите натпреварувања во континуитет кај средниот бек на Металург, што му дава сигурност во играта. Досега во трите кола со максимален учинок на македонската репрезентација, Миркуловски беше еден од најзабележителните ракометари на теренот, а очекува уште подобри игри во продолжението од шампионатот.
– Го почнавме турнирот во најдоброто издание со три победи, а веројатно не очекувавме ваков старт. Се наоѓаме во ситуација со победа над Хрватска да стигнеме до првото место во групата Б. Хрватска е силен противник и ги респектираме, но ни треба реприза од мечот со Тунис за да ги изненадиме. Со таква игра можеме секого да победиме во Катар. Имаме континуитет од настапи на големите натпреварување, Хрватите имаат континуитет на освојување на медали, и тоа е клучната разлика меѓу овие две селекции. Не смееме да се потценуваме, бидејќи презентиравме квалитет и имаме свои адути. И ние имаме три победи како и тие и нема причина да не веруваме дека можеме да го изненадиме фаворитот – вели Миркуловски.
Дербито во групата Б меѓу Македонија и Хрватска се игра утре од 17 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.