Второто полугодие почна без никакви проблеми во сите општини во земјава, освен во Куманово и во Струмица каде што локалната власт е во рацете на опозицијата, односно со истата раководат Зоран Дамјановски – Циц во Куманово и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Струмица.
Членови на СОНК и надлежните во повеќе општини низ Македонија се изјаснија дека нема да го поддржат штрајкот и второто полугодие од учебната 2014/2015 година во нивните основни и средни училишта почна без одложување.
Тие ги повикаа учениците денеска да дојдат на училиште затоа што наставата ќе се одвива без никакви пречки, а родителите да ги донесат децата во градинките бидејќи и тие ќе функционираат нормално.
Со завршувањето на зимскиот распуст, околу 280.000 основци и средношколци денеска се вратија во училишните клупи, освен во општините каде што локалната власт е во рацете на СДСМ.
Освен во овие две општини, штрајк во останатите нема. Во текот на минатата недела, најголемиот дел на наставници-членови на СОНК, му испратија порака на претседателот Јаким Неделков дека нема да бидат дел од неговата лична битка за уште еден мандат. Тие зад најавите на штрајкот гледаат нечесни намери и нереални барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.