Вториот противник на Македонија на ракометното светско првенство во Катар е селекцијата на Иран, денеска од 17 часот.
Иран e дебитант на Светско првенство, а до запис во историјата и голем успех за нив, ракометарите стасаа со освојување на третото место на Азиските игри во Бахреин годинава. И тоа го направија со стил, без услугите на најдобриот играч Иман Јамали. Левиот бек на унгарски Веспрем, во тој период настапуваше на завршниот турнир за титулата во Лигата на шампионите и стана првиот Азиец што настапил на завршницата на популарниот „Велукс Ф4“.
Првиот меч г загубија со 25-30 против Босна и Херцеговина, но играа сосема солидно, особено во првиот дел кога водеа со 16-12.
Јамали игра во Катар за Иран и тој е главниот адут на Иранците, заедно со Сајад Естеки. Тие двајца беа најдобри стрелци на јуниорското СП во Грција пред четири години. Естеки постигна 91 погодок, а зад него на листата на стрелците беше Јамали со 80 гола. Кај Иранците видлив е трендот на забрзан развој на ракометот, а планот е што повеќе ракометари да настапуваат за силни европски екипи.
Естеки беше најефикасен на дебито на Иран на мундијалите против БиХ и постигна 7 гола.
За да бидат конкурентни во Катар, во составот вклучија и двајца ракометари што се Иранци по потекло, но се родени во Скандинавија. Даниел Комајеш и Нима Зимани само ќе донесат дополнително искуство и квалитет од шведската и во данската ракометна лига. Дополнителен плус е што оваа генерација репрезентативци ја предводеа европски селектори. Во Катар од клупата ќе диригира Словенецот Борут Мачек, а пред него селектор беше некогашниот најдобар светски ракометар во изборот на ИХФ, Рафаел Рихоса (наградата ја доби во 1999 година).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.