| четврток, 6 декември 2018 |

Таксата за отпадни води нема да надминува 4 отсто од вкупните приходи

води

Таксата за отпадни води што треба да се воведе годинава нема да надминува 4 отсто  од вкупните приходи на домаќинствата. Како што рече денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, таксата ќе се пресметува според соодветна методологија, а надлежна за тоа ќе биде регулаторна комисија која ќе функционира во рамки на Регулаторната комисија за енергетика.

– Регулаторната комисија ќе ги дефинира најниското и највисокото ниво во чии рамки треба да се движи таксата за секој регион, а советите на општините ќе го сугерираат износот односно колку да се плаќа – објасни Изаири на прес-конференција.

Со таксата нема да бидат опфатени населените места кои имаат помалку од две илјади жители и оние што веќе имаат пречистителни станици.

Според министерот, за изградба на пречистителни станици и канализациски системи на ниво на целата држава се потребни 750 милиони евра. Од овие средства засега се обезбедени околу 150 милиони.

Одговарајќи на новинарски прашања, Изаири, во врска со информациите за проневерени 10 милиони евра од вработени во Министерството, напомена дека ќе бара да биде казнет секој што евентуално го злоупотребил своето работно место за личен профит.

– Мојата определба е Министерството да работи согласно законите и секогаш да биде надвор од корупциските афери, трудот на граѓаните да се троши наменски, а не да се злоупотребува – подвлече министерот.

За намалувањето на загадувањето во Тетовско, порача општината да постапи согласно краткорочните и долгорочните мерки меѓу кои, ограничување на движењето на возилата со оглед дека сообраќајот е еден од ризик факторите, како и организирање транспорт за граѓаните кога фрекфенцијата е најголема.

Министерот Изаири информира дека „Макстил“ која според најавите требаше да почне со работа денеска, се уште не побарал дозвола за пробно работење.

На прашањето дали можеби се совпаѓаат ингеренциите на Министерството во однос на загадувањето со други институции, Изаири е дециден дека надлежностите воопшто не се помешани, туку напротив со децентрализацијата се поделени.

– Секој во државата што се грижи за почист воздух, почва, вода е повеќе од добредојден – потенцира министерот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top