| четврток, 6 декември 2018 |

Благој Нацоски во мај ќе дебитира во миланската „Скала“

Македонскиот тенор и амбасадор на културата во Италија, Благој Нацоски, во мај годинава ќе дебитира во најпознатата оперска куќа во светот. Нацоски првпат ќе ја толкува улогата Понг во претставата „Турандот“ од Џакомо Пучини, а инаку за него ова е втора улога од овој композитор, по улогата Горо која ја толкуваше во „Мадам Батерфлај“ на почеток од кариерата.

Кастот го сочинуваат Нина Стеме од Шведска (Турандот), Александарс Антоненко од Летонија (Калаф), Марија Агреста од Италија (Лиу), Александер Цимбаљук од Украина (Тимур), Анџело Веча од Италија (Пинг) и Роберто Ковата од Италија (Панг). Ќе диригира славниот Рикардо Шаји од Италија, а режијата е доделена на Германецот Николаус Ленхоф.

Премиерата на „Турандот“ е закажана за 1 мај, а ќе се прикажат уште седум репризи до 23 истиот месец.

Премиерата ќе претставува и отворање на најголемиот светски настан за 2015 во светот, „Експо Милано 2015“.

Благој Нацоски годинава ќе ја почне претежно во италијанските оперски куќи. Наскоро ќе замине за Модена, каде што ќе дебитира во театарот „Лучано Павароти“, и тоа во нова (деветта) продукција на операта „Дон Џовани“. Со истата претстава ќе настапи и во театарот „Џиљо“ во Лука, а потоа ќе биде и Гроф Алмавива во „Севилскиот бербер“ во театарот „Политеама“ во Лече.

– Оваа година ќе се реализира еден од моите детски соништа, а тоа е да настапам во најпрестижната оперска куќа на светот, односно миланската „Скала“. Не можам да ја сокријам возбудата за сето тоа кога ми се јави менаџерот и кога ме извести дека сакале да ме ангажираат, и тоа без аудиција – вели Нацоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top