| четврток, 6 декември 2018 |

„Зимско патување“, рецитал на Благој Нацоски во МОБ

„Зимско патување“ е рециталот на македонскиот тенор и амбасадор на културата Благој Нацоски, кој ќе се одржи в петок на големата сцена во Македонската опера и балет.

Благој Нацоски ќе го изведе циклусот „Зимско патување“ од Франц Шуберт, во пијано придружба на Дино Имери и режија на Дејан Прошев.

Нацоски на денешната прес-конференција информира дека се работи за циклус од 24 соло песни кои ќе ги изведе првпат во својата дејност. „Зимско патување“ е последниот циклус кој го напишал Шуберт во неговиот живот. Тој претставува еден од неговите најпознати циклуси и еден од најпознатите циклуси за глас и пијано во цела музичка литература.

– Циклусот првпат ќе биде изведен во Македонија. Досега интегрално никогаш не бил изведен и за мене тоа претставува уште поголема одговорност и задоволство. Се работи за еден маж кој ја изгубил својата љубов и скита во зимски период, наидувајќи на различни случки и на некој начин како да го бара својот пат. Многумина различно го интерпретираат тоа, дали го бара својот пат кон вечниот дом, саканата, својот мир, рече Нацоски.

Тој потенцира дека во циклусот Шуберт го издигнува пијаното до рамноправност со гласот и додаде оти затоа треба да се нарече дует меѓу глас и пијано.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Дино Имери е наш млад и доста успешен пијанист, кој потекнува од важна пијанистичка школа, како во Средното музичко училиште така и на Факултетот за музичка уметност, почнувајќи од Романови па потоа кај Симон Трпчески.

– Освен неговата талентираност, технички е доволно спремен за да може да го совлада овој циклус, потенцира Нацоски.

Тој најави дека на 12, 13 и 14 мај годинава ќе изведе три шубертови вечери во Палермо, Италија. Првите две вечери се составени од шубертова програма со оркестар, а третата вечер ќе биде со циклусот „Зимско патување“. Има покана и за фестивал во Савона. На 22 април ќе има концерт во Прага, а сите други продукции ќе бидат во Италија. По рециталот ќе остане во Скопје, каде на понуда на МОБ ќе отпее две различни опери, „Дон Џовани“ и „Севилскиот бербер“. Првпат годинава ќе настапи и на Деновите на македонската музика во април.

Билетите за рециталот веќе се пуштени во продажба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top