| четврток, 6 декември 2018 |

Момчето што ја уби медицинската сестра ја потврдило нивната љубовна врска

klinika

Во полициската станица Никола, момчето што ја задави медицинската сестра на покривот на Клиниката за детски болести, признал дека се гледал со Дијана неколку месеци, дека имале односи и дека нивните средби најчесто биле во зградата на Клиниката. Како што објави „Дневник“, Никола рекол дека не сакал да ја убие и дека не се сеќава како можел да го стори тоа и поради тоа самиот сакал да се самоубие. По сослушувањето, поднесена е кривична пријава. Инаку, Дијана не била разведена. Последното испраќање било организирано во домот на нејзиниот сопруг. Нејзина пријателка изјавила дека си го сакала своето семејство. Соселаните велат дека пријателите на Никола знаеле дека тој и Дијана се гледаат.

Точните мотиви за убиството засега не се познати, но познато е дека двајцата биле договорени во критичното попладне да се сретнат на Клиниката за детски болести. Дијана повеќе години работела како медицинска сестра на Одделението за интензивна на Клиниката за детски болести.

Никола околу 18 часот дошол на Клиниката. Обезбедувањето го пуштило да влезе бидејќи тој и претходно доаѓал. Двајцата во 18.30 се сретнале во потпокривната просторија. Таму почнале расправија, во која Никола со раце ја фатил за врат Дијана и не ја пуштил додека не ја задушил.

Откако видел дека ја убил, седнал на работ на покривот на седумкатницата во обид да се самоубие. Набргу пристигнала полиција и во разговор било спречено Никола да скокне од седумкатницата. Полицајците на покривот ја пронашле Дијана, која не давала знаци на живот, по што веднаш била однесена на Одделот за интензивна нега. Лекарите 45 минути се обидувале да ја реанимираат, но безуспешно. Според резултатите од обдукцијата, на телото на Дијана имало траги од насилство, а смртта настанала со задушување, но и дека била во рана бременост.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top