Кирил Лазаров ќе ја предводи Македонија на ракометниот мундијал во Катар, во зимски услови од 15 јануари до 1 февруари. Капитенот е во одлична форма, игра извонредно за Барселона и моментно е прв стрелец во Лигата на шампионите. Ништо невообичаено за 34-годишниот бомбардер од Свети Николе, играч на кого секогаш можете да се потпрете. Цврст столб и во Барселона и во македонската репрезентација, наш бренд што го препознаваат на сите делови од планетата. Човек што немилосрдно ги тресе противничките мрежи, расен стрелец што поставува недостижни рекорди на големите натпреварувања. И во Катар ќе биде во улогата на лидер на црвено-жолтиот брод, во обидот да се достигнат небесните височини. Оптимистите очекуваат медал, а Кире вели дека е најважно Македонија и во Катар достојно да го презентира квалитетот, а остварување на целта и евентуален чекор напред до медал би бил остварување на сонот на сите во нашата земја. Во првата фаза од шампионатот ќе играме со Хрватска, потоа и со Тунис, БиХ, Австрија и со Иран. Ако минеме понатаму, следат елиминациски натпревари. Капитенот, секако, посакува медал, како и сите во Македонија, но вели дека на репрезентативците им треба мир, без дополнителен притисок и императиви, за да се чекори сигурно кон нови победи.
Светското првенство во Катар е веројатно последна шанса за медал на оваа генерација. Има ли Македонија квалитет за подвиг?
Лазаров: Најлесно е да се каже и да се очекува од некого да се оствари таков успех, да се освои медал на големо натпреварување. Ние не бегаме од тоа и имаме исти очекувања и желби како и јавноста, но треба да се биде трпелив, да се работи напорно за да се оствари успех и да се оствари сонот за освојување медал на Светско првенство. Тоа е заедничка желба на сите, и на ракометарите, и на стручниот штаб, и на навивачите во Македонија. Континуитет од настапи на големите натпреварувања имаме, квалитетот е неспорен, амбициозни сме и добро организирани. Сепак се работи за Светско првенство, на кое играат најдобрите репрезентации и сите се одлучни да успеат. Конкуренцијата е голема, а и влогот исто така. Да не заборавиме дека шампионатот во Катар носи пласман и на Летните олимписки игри. Имаме добра основа да очекуваме успех, како никогаш досега сме здружени, со екстра-професионалци во составот, што ни дава гаранција дека достојно ќе го презентираме квалитетот на македонскиот ракомет во Катар.
Експертите велат дека Хрватска и Македонија се главни фаворити во групата Б. Колку е тешка или лесна првата фаза од натпреварите?
Лазаров: По навика, никогаш не сакам да коментирам распоред на групи. Знам за коментарите дека сме имале среќа при ждрепката, но силата на противниците ќе ја видиме кога ќе се соочиме на теренот. Мора да имаме почит кон сите селекции во нашата група. Не ни требаат некакви спектакуларни најави, ниту евентуално алиби. Без дополнителен товар од наметнување некаков императив за атак на медал, сигурно ќе ни биде полесно. Ние сме репрезентација што може да ја победи Франција или Шпанија, но и да загуби од послаборангирани од нас. Најважно од сѐ е што сме максимално фокусирани да прикажеме добра игра во Катар. Да играме според принципот секој следен меч е најважен. Само ослободени од стегите можеме до успех, до добар пласман на Светското првенство.
На СП во Хрватска и на ЕП во Србија бевме како домаќини благодарејќи на масовното присуство и на поддршката од навивачите. Ќе биде ли Македонија хендикепирана без фалангата?
Лазаров: Македонските навивачи беа извонредни и ни даваа посебен мотив и крилја да играме и во Хрватска и во Србија и секаде каде што настапуваме. Атмосферата што ја правеа е посебна за нас, верувам дека во голем број ќе бидат со нас и во Катар иако ситуацијата сега е малку поинаква. Земјата-домаќин е далеку од Македонија, но очекувам и нашинците кои работат во Катар да бидат присутни на трибините. Мислам дека нема да бидеме хендикепирани во тој поглед. Особено што оваа генерација ракометари драстично ја сменија сликата, и тоа во позитивна насока. Играме во континуитет добро и на гостински терен, го разбиваме комплексот на порази кога ќе ја минеме границата на Македонија, и тоа е голем психолошки плус за остварување на целта.

Кои се главните фаворити за титулата и за медалите?
Лазаров: Според мене, Франција е најголем фаворит за златниот медал. Имаат одлична репрезентација, со континуирани успеси на големите натпреварувања. Данска е редовно при врвот во последните години, но кај нив има смена на селекторската позиција, па ќе видиме како ќе се одрази тоа на нивната игра во Катар. Очекувам добар настап и резултат од Шведска иако не ги рангираат меѓу најсериозните кандидати за медал. Можно е домаќинот Катар да биде пријатно изненадување. Секако ќе бидат многу тврд орев за сите противници. Натурализираа неколкумина квалитетни ракометари, направија вистински избор и се надеваат на успех. Од втор ред би ги издвоил Шпанците, потоа и Хрватите, секако и Германија, иако знаеме на кој начин се протнаа на мундијалот. Има многу амбициозни и квалитетни репрезентации, и очекувам неизвесен шампионат.
Како е да си ѕвезда во соѕвездието на Барселона?
Лазаров: Не се чувствувам како ѕвезда иако Барселона го има еден од најдобрите состави на планетата. Јас сум професионалец и така се однесувам во сите средини каде што настапувам. И во Барселона се однесувам така, а клубот е беспрекорно организиран со многу врвни ракометари со кои одлично соработувам. Најважно е целата машинерија да функционира на вистинскиот начин. Засега сум многу задоволен од резултатите и од начинот на кој игра мојот сегашен клуб. Има врвни ѕвезди кои индивидуалниот квалитет го подредуваат на колективот. Барселона е светска марка, не само во ракометот, и ми причинува огромно задоволство што сум дел од таков реномиран спортски колектив.
Што велат во Шпанија за македонското ракометно чудо?
Лазаров: Впечатокот е извонреден, а коментарите се мошне позитивни. И тоа во Шпанија, земја што има огромни успеси и во ракометот и во останатите спортови. Барселона двапати гостуваше во Скопје, во ланскиот циклус во Лигата на шампионите во прекрасна атмосфера, што никого не остави рамнодушен. Растот на Вардар и на Металург е видлив и е многу значаен за мала земја каква што е Македонија.
Сѐ почесто во Скопје како засилувања доаѓаат реномирани ракометари. Не е мала работа да се ангажираат одлични играчи, како што се Штербик, Вугринец, Дибиров, Дујшебаев…. Сериозно се вложува, и тоа е гаранција за напредок.
И репрезентацијата бележи добри резултати, постојано сме присутни на големите натпреварувања, што нѐ промовира на ракометната мапа како значаен дел од светскиот ракомет. И на клупски и на репрезентативен план оставаме силен печат, што знаат да го ценат и во Шпанија, земја која е спортска велесила. Тоа ме прави горд бидејќи и јас настапувам таму и сум репрезент на македонскиот ракометен успех.
Што недостасува во богатата кариера на Кирил Лазаров. Каква желба имате во Новата година?
Лазаров: Спокоен сум и знам дека ништо не доаѓа само од себе и преку ноќ. Не би бил искрен кога би кажал дека не ми значат индивидуалните признанија, а ги има многу. Сѐ сум постигнал со напорна работа и со многу одрекнување. Но и со голема поддршка од семејството, од навивачите и соиграчите, без разлика каде сум настапувал. Ми недостасува титула во Лигата на шампионите иако неколкупати бев на чекор до тронот. Играв во две финалиња, неколкупати бев дел од завршните турнири за титулата, но недостасуваше многу малку, можеби и трошка среќа за да стигнам до вредниот трофеј. Но, повторно велам дека немам никаков притисок, спокоен сум и верувам дека ќе ја остварам и таа цел, можеби веќе годинава. Секако, се надевам дека ќе си го исполнам и сонот со Македонија да бидам на пиедесталот, со медал на градите. Тоа е желба на сите во нашата земја и посакувам да го израдуваме народот со успех. Македонија е мала земја, со значајна ракометна и спортска традиција и заслужуваме да им се радуваме на успесите.
Ќе продолжи ли доминацијата на ракометот како спорт број 1 во Македонија? Имаме ли таленти што и во иднина на успешен начин ќе ја раскажуваат ракометната бајка?
Лазаров: Имаме потенцијал во младите ракометари кои сѐ повеќе се наметнуваат. Добро е што македонската репрезентација е постојан учесник на големите натпреварувања, што ќе им помогне на помладите вистински да созреат, да се надградат, да напредуваат. Имаат од кого да учат бидејќи квалитетот и на клупско и на репрезентативно ниво е одличен. Сегашните генерации имаат и предност во однос на нас. Ние немавме такви услови. Ракометот во Македонија мошне брзо напредува и на организациски и на играчки план. Вардар и Металург стандардно настапуваат во Лигата на шампионите, талентираните ракометари со тоа имаат можност да ја почувствуваат атмосферата во елитно натпреварување, па и да играат, што е голем мотив за млад играч побрзо да напредува. Македонија има потенцијал што ветува продолжување на убавата ракометна приказна и во иднина.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 122. број на неделникот „Република“, 2.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


