| четврток, 6 декември 2018 |

Предлог-амандмани на Уставот пред матичната собраниска комисија

Sobranie na RM 03 (Custom)

Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ќе ги разгледува предлозите на осумте амандмани на Уставот за коишто Собранието треба да се изјасни на седницата закажана за 20 јануари.

Предложен е уставен амандман со којшто бракот се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу една жена и еден маж.

Меѓу најинтересните за јавноста е уставниот амандман којшто се однесува на основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација, како што се предлага, ќе се доуреди со закон.

Во еден од амандманите е предвидено Владата да ја утврдува фискалната политика во Република Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три отсто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата на Република Македонија да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила, и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДП.

Со предлог-амандманите се предвидува преименување на Народна банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува главниот ревизор, Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена, за одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и дека начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство.

Последната верзија на предлог-амандманите Владата ја достави до Собранието на крајот на декември 2014 година. Предложени се осум амандмани на Уставот по постапката која започна минатата година и опфаќаше неколку фази. Пред финалното обликување на предлог-амандманите од страна на Владата, се одржаа повеќе јавни расправи, а до предлагачот беа доставени и низа забелешки и мислења.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top