| четврток, 6 декември 2018 |

Седници на пет собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за транспорт, врски и екологија, за финансирање и буџет, за труд и социјална политика, за политички систем и односи меѓу заедниците и за надворешна политика.

На дневен ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија се годишните извештаи за работа за 2016 година на Агенцијата за пошти, на Агенцијата за електронски комуникации, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Македонската радио телевизија.

На седницата ќе бидат разгледани и предлог-одлуката за одобрување на финансискиот план на Македонската радио телевизија, предлог-одлука за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство, и двете за 2017 година.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе расправаат за Годишниот извештај за работењето на Народната банка на Република Македонија за 2016 година, за Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2016 година, за Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност  на Република Македонија во 2016 година, и за Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2017 година.

На дневен ред се и Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2016 година, Предлог-одлуката за давање согласност на Стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2017 година, Предлог-одлуката за давање согласност на Годишната програма за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2017 година и Предлог-одлуката за давање согласност на Финансискиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2017 година.

Единствена точка на дневниот ред на Комисијата за труд и социјална политика е Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи во прво читање, поднесен од пратеничките Нола Исмајлоска и Магдалена Манаскова.

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправаат по повеќе годишни извештаи за работата на повеќе институции за 2016 година, меѓу кои се и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 1 јануари до 31 декември 2016 година…

Пред членовите на Комисијата за надворешна политика ќе биде претставена платформата за дипломатски активности на амбасадорот на Република Македонија Александар Николоски при Европската унија во Брисел, Кралството Белгија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top