На предлог на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Владата и МОН прифатија студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно дали го положиле или не првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година.
– Ова е во релација со нашите одлуки и заклучоци на Наставно-научниот совет на факултетите, на Ректорската управа и на Сенатот – да не се прекинува наставниот процес со државниот испит. Државата од своја страна, ако така оцени, има право да организира проверка на стекнатото знаење на универзитетите преку државни испити или други форми на проверка на знаењето – смета ректорот на штипскиот универзитет, Саша Митрев.
Во врска со предлогот кој се однесува на зголемувањето на бројот на објавени публикации од професорите во реномирани научни списанија, односно списанија кои се опфатени со научната база „Веб оф сајнс“ (Web of Science) и нивното вреднување при изборот на професорите во наставно-научни звања, за штипскиот универзитет е темелна определба уште од неговото основање.
Според Митрев, овој став на штипскиот универзитет е во целост прифатлив и е многу прецизно уреден во постојните правилници на штипскиот универзитет за избор во наставно-научно звање.
– Врз основа на ова, штипскиот универзитет нема никакви пречки да ги поддржи измените во Законот за високо образование – смета Митрев, кој во обраќањето до деканите и до другите членови на академската заедница посочува дека имаат право на сопствен личен став и мислење и немаат никакви задршки или институционални пречки од ректорот, Ректорската управа или Сенатот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.