Двесте и четириесет страници во кои еден тинејџер зборува за тоа колку пицата, девојките и Бог се супер, а издавачите барем половина од страниците морале да ги пополнат со фотографии бидејќи толку и може да се каже за животот на едно шеснаесетгодишно момче. Вака критичарите ја оценија „Прв чекор кон вечноста“ на светската сензација Џастин Бибер, автобиографија што е преведена и на македонски јазик.
Кога се работи за пишување автобиографија или книга што содржи такви елементи, јавните личности, не само во светот, туку и на Балканот, се трудат да ја искористат својата, макар и кратка, популарност до корен.
Музичари, актери, детски ѕвезди што успеале, детски ѕвезди што пропаднале, учесници во реално шоу, роднини на познати личности – во литературата која доаѓа од таквиот тип познати личности не се избира квалитетот на тоа што личноста има да го каже, туку се игра на картата на љубопитност, истата причина поради која се гледаат и емисиите што откриваат приватни детали за познатите.
И Станија, девојка од Србија која својата популарност ја стекна со тоа што секојдневно ги покажуваше својот задник и гради, размислува своите авантури да ги сподели низ автобиографска книга. За својата книга „Гола вистина“, хрватската пејачка и модел Нивес Целзиус, пак, во 2008 година ја доби престижната литературна награда „Киклоп“.
Во Македонија постојат луѓе што навистина имаат што да напишат, кариери за кои јавноста со години е сведок, семејни приказни кои секого би го интересирале. Сепак, тие што се одлучиле на тоа може да се избројат со палецот и показалецот.
За своите успеси и за остварувањето на сонот да игра во шпанскиот ракометен клуб Барселона, Кирил Лазаров пред некоја година ја напиша својата книга „Седум“. Со својата серија книги, пак, Игор Џамбазов најдобро го сфати потенцијалот од таквиот тип издаваштво. Неговата „Облечен човек“ е четврта книга со приказни од неговиот живот што се продава низ македонските книжарници.
– Игор доживува голем успех со неговите книги, самото тоа кажува дека имаме публика за автобиографии. Во Македонија нема голем број толку познати личности од овој тип, но верувам дека интерес, сепак, би имало. Се разбира, ретко кој од јавните личности пишува автобиографија сам, секогаш постои тим што го прави тоа, но потписот е на јавната личност. Во Македонија не е разработена таа машинерија – смета Александар Саздов од издавачката куќа „Три“.
И Дејан Павлески од издавачката куќа „Матица“смета дека има читатели за автобиографии.
– Штом поминуваат во светот, ќе поминат и кај нас. Народот сака сеир, не зборувам само за Македонците, туку општо во светот. Затоа овие книги и успеваат. Во нив секогаш се содржат приказни за јавните личности кои ретко кој ги знае – вели Павлески.
Додека Целзиус ги бори парите од второто продолжение на „Гола вистина“ и приказните за разводот со фудбалерот Дино Дрпиќ, во Македонија не се ни размислува на заработка од својата приказна.
Македонскиот актер Тони Михајловски, барем засега, нема намера да почне со соголување на хартија.
– Не сум размислувал досега на таа тема. Млад сум, имам време. Немам јас толкав и таков багаж како Игор Џамбазов. Ако јас напишам автобиографска книга, ќе треба да ја разведам половина Македонија. Кај мене нема псевдоними. Или како Игор, да кажеме, не кажувам која е, ама живее до тој и тој и до овој и преку две куќи од оној – се шегува Тони Михајловски и додава дека размислувал да напише сценарио за филм, но е далеку од реализација на таа идеја.
Кралицата на ромската музика Есма Реџепова-Теодосиевска често умее да зборува за својот живот како дете, кога чистела чевли помагајќи му на својот татко, за тоа како го запознала својот сопруг Стево, но никогаш не решила да седне и тоа да го преточи во добро четиво.
– За мене и за Стево веќе има монографија од 1974 година, а следната година, најверојатно во март, ќе биде издадена уште една книга за мојот живот на македонски, англиски и на ромски јазик. Не размислувам за автобиографија бидејќи во монографијата ќе се содржат приказни за мене и мои изјави – вели Есма.
Единствено Кирил Поп Христов, или Кили, како што сите го познаваат, има најавено дека подготвува своја автобиографија.
– Ма, како да не. Јас веќе ја напишав. Се вика „Тајни живот Кирила Поп-Христова“. Не најдов македонски издавач. Во Србија ќе излезе. Затоа е и на српски. И во Србија ме познаваат, таму бев актуелен во 90-тите години. Многу е променето од тогаш. Ама, таму најдов издавач. Тука немаше интерес. А кажав дека имам таков ракопис, дозволете јас да ви ја кажам мојата приказна, која вие мислите дека е тајна – изјави во една пригода Кили на прашањето дали еден ден ќе го запознаеме на таков начин преку автобиографско дело.
Пишува: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.