Првата биографија на Адолф Хитлер, која го претставува во 1923 година како „спасител на Германија“ и го споредува со Исус Христос, изгледа е напишана од самиот диктатор, тврди шкотскиот историчар Томас Вебер. Станува збор за книгата „Адолф Хитлер живот и зборови“, првата позначајна биографија на Хитлер, чиј автор е означен со името Виктор фон Корбер.
Вебер од Универзитетот во Абердин објави документи, чувани во јужноафрикански архиви, кои покажуваат дека книгата „речиси со сигурност е напишана од самиот Хитлер како бесрамна, но итра самореклама“. Тој додава дека во книгата влегувањето на Хитлер во политиката се споредува со Христовото воскресение и содржи термини како светец и спасение.
Вебер изјави дека ги открил архивите, додека ги проучувал оние на Виктор фон Корбер, официјален автор на биографијата во универзитет во Јоханесбург, пишувајќи нова книга за Хитлер. Тие содржеле писмено признание дадено под заклетва на сопругата на издавачот дека Фон Корбер не ја напишал книгата и оти Хитлер му дал задача на свој близок генерал да пронајде конзервативен писател, кој нема да биде поврзан со нацизмот и под чие име таа ќе излезе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.