Ако може другата страна да носи луѓе со авиони, со автобуси, со возови, ако можат тие луѓе да поминуваат илјадници илјадници километри, можете вие да излезете од вашите домови и да гласате за Кочоски и за советничката листа зад која стојат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и сите други партии. Направете го ова за вас, за вашите деца, за Струга. Можете да ги поддржувате или да не ги поддржувате партиите, тоа е право на секого, но овде не се работи за политика, се работи за историски момент, порача претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Струга.
Откако вчера беа објавени изјави на кандидатот за градоначаник на Кичево од ДУИ, Фатмир Дехари и на неговиот сопартиец Изет Меџити од средбите со албанската дијаспора во Чикаго на која зборуваа за етничка Албанија, Груевски им возврати со порака дека Струга и Кичево биле и секогаш ќе бидат дел од Македонија.
– Гледате овие денови еден од кандидатите за градоначалници на Кичево опишува зошто сакале да ги земат и Струга и Кичево. Треба да му покажеме дека ова е Македонија, Струга е Македонија, Кичево е Македонија и Македонија ќе остане – порача Груевски.
Груевски ги повика стружани на сплотеност и обединетост каква што немало досега.
– Вечерва сме заедно и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и сите други партии. Ова се историски избори за Струга. Да ѝ помогнеме на Струга, да си помогнеме сите заедно. Тоа што го очекувам од вас, не само од партиските членови, туку и тие што пасивно се однесуваат кон политиката е да излезат на историските избори на 24 март – рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.