| четврток, 6 декември 2018 |

ФИНКИ и Штуловиот универзитет предлагаат работа по програмите на ЕУ и на САД

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ, Димитар Трајанов, го поддржа предлогот на Штуловиот универзитет за унапредување на високото образование и студиските програми на македонските универзитети да бидат компатабилни со најдобрите европски и светски универзитети.

Тој оцени дека предлогот е добар и значи добра основа на која понатаму може да се гради поквалитетно високо образование.

– Тоа би значело дека студиските програми што ги имаме ние треба да соодветствуваат на некој начин со тоа што се учи на најдобрите европски и светски универзитети. Во таа насока сметам дека идејата е добра и тоа ќе води кон подобрување на квалитетот на високото образование во Републка Македонија, изјави попладнево Трајанов.

Сепак, нагласи тој, треба да се земат предвид и спецификите на одредени професии. – На пример, кај техничките науки најверојатно 60-70 проценти можеме да ги преземеме предметите, меѓутоа треба да се земе предвид и спецификата на македонската индустрија за да се додадат соодветни предмети согласно со потребите на македонското стопанство, рече деканот на ФИНКИ.

За другите професии, смета Трајанов, најверојатно тој процент ќе биде различен и ќе се утврди преку преговори и дискусии меѓу факултетите и Министерството, за да се најде соодветен процент кој ќе одговара и најдобро ќе го претставува соодносот со кои ќе бидат преземени студиските програми од најдобрите светски универзитети.

– Ќе го вградиме она што е карактеристично за нашето поднебје односно за нашата индустрија и општество во дадените студиски програми, додаде Трајанов.

Претходно денес, Замир Дика, ректор на Штуловиот универзитет, го даде предлогот за унапредување на реформата во високото образование.

– Во нашиот статут, освен другите определби е вметната и определбата за споредбеноста на студиските програми со меѓународните практики. Тоа ние го спроведуваме веќе 14 години. Мислам дека оваа определба е многу важна за високото образование во Република Македонија и за пазарот на трудот да биде споредбен со меѓународните практики. Тоа е и определба на Болоњската декларација дека една од суштинските промени е и мобилноста на знаењето, вештините и компетенциите, истакна Дика.

Тој потенцира дека таквата практика од универзитетот сакаат да ја споделат со сите други високо образовни установи затоа што сметаат оти е многу позитивна. Според него, кога се тежнее кон тоа да се подобри системот на високото образование и структурата на студиските програми, оваа споредбеност е многу важна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top