Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје свечено ја одбележа тригодишнината од постоењето.
ФИНКИ е основан во 2011 година, како продолжение на традицијата на Институтот за информатика при Природно математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика при Факултетот за електротехника и информациски технологии.
На свеченоста денеска присуствуваше и министерот за обрзование и наука Спиро Ристовски кој најави дека ФИНКИ наскоро ќе добие и нова зграда за која што засега има две предлог варијанти за кои дополнително ќе се одлучува.
-Формирањето на ФИНКИ ја изразува посветеноста на Владата кон развојот на технолошките науки, кон креирањето на современата економија која ќе се базира на знаење, како и кон забрзување на целокупниот развој на нашата држава. Ова е проект кој даде одлични резултати. Всушност пред неговото формирање, во 2010 година на двата института се пријавија околу 300 студенти по информатика. Со формирањето на ФИНКИ бројот на запишаните студенти по информатика двојно се зголеми , а минатата година речиси 500 студенти се одлучија да студираат токму на овој факултет – изјави министерот Ристовски.
Ристовски посочи дека Министерството ги препознава заложбите на ФИНКИ и ќе продолжи да ги поддржува и понатаму. Доказ за тоа е преку владиниот проект на тој факултет се инсталирани 11 лаборатории, што се користат за научно-истражувачка и за апликативна дејност.Една од тие лаборотории, Лабораторијата за еко-информатика наскоро ќе биде акредитирана од Институтот за акредитација на Р.М, па ќе ги нуди своите услуги и на бизнис секторот.
Според деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов, со запишани 3.000 студенти ФИНКИ во изминатите три години бележи големи резултати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.