| четврток, 6 декември 2018 |

Кратово доби нов мултимедијалниот центар

kratovo_1

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Кратово со градоначалникот на оваа општина, Мите Андоновски и претставници на Швајцарската агенција за соработка и развој го промовираше новиот мултимедијален центар при Домот на културата „Д-р Лазар Софијанов“.

Канческа-Милевска пред присутните истакна дека новиот мултимедијален центар го потврдува искрениот партнерски однос меѓу локалната и централната власт, но и соработката со институциите кои го поддржуваат и интензивираат културниот развој на Република Македонија, како што е Швајцарската агенција за соработка и развој.

-Токму затоа, со големо задоволство ја прифатив идејата на градоначалникот Андоновски за целосна реконструкција на старото кино, односно изградба на нов мултимедијален центар во Кратово, и Министерството за култура во својата програма обезбеди средства за реализација на проектот –  рече Канческа-Милевска.

Во новиот центар, кој има повеќефункционална намена, граѓаните ќе можат да проследат театарски претстави, концерти, фестивали и други културни манифестации, содржини кои ќе бидат атрактивна понуда за сите посетители.

Во изминатиот период Министерството за култура во Кратово поддржа неколку проекти кои се однесуваат на заштитата на културното наследство на овој град, како што е ревитализацијата на Симиќевата кула која е веќе отворена за јавноста, а во тек се и заштитните интервенции на Златковата кула, која е обележје на градот Кратово. Исто така, беа извршени конзерваторски истражувања и започна имплементацијата на проектот за заштита на архитектурата и на ѕидното сликарство во црквата  „Св. Јован Крстител” изградена од најголемиот македонски градител Андреја Дамјанов. Годинава во Кратово ќе се реализира и проектот за обнова и конзервација на фасади во значајните градски јадра. Преку Националниот конзерваторски центар – Скопје ќе се обноват фасадите на еден мал простор од споменичната целина „Ајдучка чаршија“, која претставува блок од 5 групирани дуќани во Старата кратовска чаршија. Исто така, Националниот конзерваторски центар изготвува и елаборат за ревалоризација на старото градско јадро на Кратово по што ќе се пристапи кон изработка на Закон за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење. До 2015 година е планирано да се извршат и археолошки истражувања, заштита, конзервација, реставрација и презентација на „Тунелите“ во Кратово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top