Со одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур Македонија на Калед ел Масри треба да му плати 60 илјади евра, а тој преку својот адвокат веќе покренал и случај во граѓанскиот суд во Скопје и бара дополнителни 50 илјади евра отштета, јави порталот МКД.МК
Во Министерството за правда е формирана и меѓуресорска комисијата составена од првите луѓе во македонското правосудство. Членовите на оваа комисија од денеска треба да одлучат кои мерки ќе ги преземат за извршување на пресудата.
„Судот не предлага ништо, остава на самите држави да ги дефинираат мерките што треба да ги преземат. Затоа е формирана оваа меѓуресорска комисија која треба да ги дефинира конкретните мерки“, изјави Костадин Богданов, владин агент на Република Македонија во Стразбур.
Судот во Стразбур во декември минатата година донесе пресуда со која утврди дека Македонија му ги прекршила човековите права на Ел Масри кога во 2003 година го уапсила, задржала и предала на агенти на ЦИА. Според пресудата Македонија извршила тортура врз Масри, му ги попречила правото на слобода, на приватност и семеен живот и правото на постоење на ефикасни правни мерки.
Масри поднесе тужба против Македонија на 20 јули 2009 година затоа што од 31 декември 2003 до 28 мај 2004 година бил затворен без вина, по налог на ЦИА, а приведувањето било извршено од македонската полиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.