Ректорската управа на УКИМ му предлага на Министерството за образование и наука да се заложи пред овластените предлагачи за повлекување од собраниска процедура на предложените законски решенија поврзани со високото образование. Универзитетот и понатаму останува отворен и подготвен за соработка со цел квалитативен придонес во реформите во високото образование, придржувајќи се на европските и светските стандарди
Ова се наведува во заклучоците донесени едногласно на денешната вонредна седница на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на која се расправало за постапката за донесувањето на законските решенија поврзани со високото образование.
Ректорската управа во заклучоците наведува дека текстот на законските решенија поставени на јавен увид и јавна расправа на порталот ЕНЕР врз основа на кои факултетите и институтите на Универзитетот расправаа, се разликува од текстот на законските решенија поставени во материјалите за седница на Собранието на Република Македонија.
– Новите одредби претставуваат суштински промени на текстот со што се наметнува потребата донесувањето на предложените закони да се одложи за да се овозможи поширока јавна расправа и дебата со законски и стручни аргументации, односно чинителите во високото образование – државата и универзитетите заеднички да имаат можност да расправаат и да одлучат за промените во високото образование кои ќе придонесат во обезбедувањето на квалитетот во оваа значајна општествена дејност; се наведува во заклучоците кои ќе му бидат доставени и на министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.
Како што се додава, заклучено е дека за вакви значајни измени, рокот од ставањето на јавен увид на предложените законски решенија до ставањето во собраниска процедура е прекраток за учество на сите засегнати страни во насока на создавање на квалитетен текст кој се очекува како од страна на овластените предлагачи за донесување на прописи така и од другите чинители во остварувањето на високообразовната дејност, за што Министерството за образование и наука е известено со писмо бр. 02-1333/2 од 18.12.2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.