Против појавата на дипломи платени со пари, а без реално знаење е целта на концептот на Владата за државен испит. Овој владин предлог практично треба да овозможи подобрување на квалитетот и проверка на знаењето во високото образование.
Оваа реформа, како што велат за МИА од Владата, која е во фаза на финализирање, директно оди на сметка на оние кои учат, вложуваат труд и цесно и напорно се борат за диплома. Тие воопшто не треба да бидат засегнати, напротив тоа ќе биде потврда за нивното знаење и тие најмалку треба да се исплашени.
Од помош за студентите ќе биде тоа што целиот басен прашања за државниот испит, кој ќе се полага по завршување на втората и на четврата година од студиите, ќе биде објавен претходно што е дополнително олеснување. Корпусот прашања, пак, ќе бидат изведени од Наставната програма што самиот факултет ја има приложено во Одборот за акредитација. Така, оној кој реално ги заслужил оценките лесно ќе го положи самиот државен испит.
Инаку, концептот на Владата за државен испит нема ништо заедничко со екстерно тестирање, како што неточно беа манипулирани студентите и јавноста од некои структури. Во јавноста намерно се внесе забуна од страна на опозицијата и инсталациите на Сорос дека државниот испит е всушност екстерно, иако тоа не е така. Екстерното е за проверка на професорите, а државниот испит е за обезбедување минимум знаење на студентите.
Кај екстерното уцениците се оценуваат, а резултатите се знаат по извесен период, додека кај државниот испит е доволно да се положи испитот, а резултатите се веднаш познати.
Опозицијата намерно манипулира и ги злоупотребува студентите со цел да поттикне незадоволство и да создаде глобална слика на незадоволство. Тоа, како велат, СДСМ и полугата на Сорос ги става дека се во директна заштита на дипломите купени со пари и девалвирње на образовниот процес.
Од друга страна Владата има обврска да го подобри системот. Има особено струки и професии каде способноста и квалитетот се пресудни, како на пример доктори, кардиолози, хирурзи, стоматолози инженери, градежници….Дипломите без знаење се опасни и за самото општество. Затоа, мора да има проверка на знаењето на студентите зашто тоа, како што појаснуваат, е од интерес на сите нас и на самите студенти. Неопходно е да постои некој минимум стандард кој треба да е исполнет од студентот.
Самиот концепт на државен испит постои во многу европски земји, меѓу кои во Полска, Чешка, Унгарија и Словачка, каде сите студенти полагаат пред дипломирање, односно на крајот од студиите. Кај нас овој модел е доразработен, унапреден и со цел да им се олесни на студентите државен испит ќе се полага во втора година за прва и втора година од студиите, како и во четврта година по завршување на испитите од трета и четврта година.
Државниот испит, како што се предвидува со реформата, ќе биде воведен за студентите од академската 2015/2016 година, а првпат ќе се полага во средината на 2017 година. Полагањата ќе се одвиваат квартално, односно нема да има рок со кој се обврзуваат студентите и ќе може да се полага додека не го положат.
Процесот на полагањето на државниот испит целосно ќе го спроведува Одборот за акредитација, како независно тело, а не Министерството за образование и наука или државата. Прагот на поминување на државниот испит нема да биде изразен со оценка туку во вид на минимум бодови.
Систем на државен испит како концепт е познат во македонското образование. Имено, кај нас постои на Медицинскиот факултет и повеќе од 40 години успешно се применува, а форма на државен испит е и правосудниот испит.
Концептот за државен испит и понатаму ќе се доработува и е отворен за сугестии. Законот со кој првпат ќе се воведе, откако ќе помине на Влада ќе оди на јавна расправа, во која може да се изјаснат сите засегнати страни, вклучувајќи ги и студентите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.