| четврток, 6 декември 2018 |

„Пат околу светот за 80 дена“ премиерно во Театарот за деца и младинци

Во Театарот за деца и младинци вечерва ќе биде прикажана претставата „Пат околу светот за 80 дена“. Главната идеја што го поттикнала режисерот Бојан Трифуновски да направи драматизација на познатиот роман на Жил Верн „Пат околу светот за 80 дена“ и да го постави на сцената на Театарот за деца и младинци е пораката за етичност и за пријателство во свет на кој му треба сериозен ремонт.

Премиерата е вечерва од 19 часот, а во екипата се 13 актери, што е најголем број досега во поделбата на улоги во ТДМ кој има 16 вработени актери. Претставата од седумдесетина минути е наменета за деца над 10 години, пред сѐ, за ученици во седмо одделение кои оваа книга ја имаат за лектира. Насловот на претставата е скратен во „Пат околу светот“. Улогите на Филијас Фог и неговиот слуга-придружник Паспарту ќе ги играат Владимир Лазовски и Бојан Кирковски, а во улогата на принцеза ќе биде Татјана Павловска-Кочовска.

„Пат околу светот за 80 дена“ е меѓу најпоставуваните на сцените во светот и има голем број екранизации. Трифуновски рече дека Верн му бил омилен автор поради кој го засакал жанрот научна фантастика.

– Тој е човекот што ме натера хоби во животот да ми биде научна фантастика, а овој роман е најмалку научна фантастика од сите негови, всушност е најфантастичен. Ме привлече фактот што овој роман е најпреработуваното негово дело, само во англиското говорно подрачје драмата е поставувана 720 пати, а според IMBD има 17 филмски верзии на основата на текстот. Предизвик беше да направам наша приказна, за наше патување околу светот, светот погледнат од нашата глувчешка дупка, изјави Трифуновски.

Директорот на ТДМ Драган Довлев очекува и оваа да биде многу посетена и хит-претстава како и претходната („Пипи Долгиот Чорап“) што ја режираше Трифуновски кој, пак, искажа задоволство од соработката и довербата од овој ансамбл, кој го нарече хиперинтелигентна и хиперспособна тетарска трупа. Сценографијата е на Срѓан Митровиќ и Кирил Василев, костимографијата на Искра Џокиќ, музиката на Џијан Емин. „Пат околу светот“ ќе биде четврта премиера на Театарот за деца и младинци во 2014 гидина и четврта лектирна претстава што театарот ја поставува на својата сцена, по „Грдото пајче“, „Пипи Долгиот Чорап“ и „Оливер Твист“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top