| четврток, 6 декември 2018 |

Тајната на Јосип Броз: Гробот на големата љубов на Тито се наоѓа во дворскиот комплекс на Караѓорѓевиќ

Дворскиот комплекс на Караѓорѓевиќ длабоко во себе крие една тајна и љубовна приказна за која што сигурно не сте слушнале ништо во рамките на часовите по историја. Станува збор за големата љубов на маршалот Тито и неговата секретарка Даворјанка Пауновиќ Зденка, која што Јосип Броз ја погребал, и подигнал споменик и секое утро го посетувал нејзиниот гроб, плачејќи и оставајќи и ружа.

Српскиот интернет портал „Телеграф“ направил ексклузивна репортажа од гробот на најголемата љубов на “најголемиот син на нашиот народ”, место кое што сега го одржува престолонаследникот Александар II Караѓорѓевиќ.

Познато е дека најголемата љубов на маршалот била Даворјанка Пауновиќ, поради што и ја погребал во шумата во околината на Белата палата, секојдневно посетувајќи и го вечниот дом, плачејќи и положувајќи свежо цвеќе – црвена ружа.

Она што е интересно е фактот дека гробот и ден денес се одржува, по наредба на Александар II Караѓорѓевиќ, кој не дозволил било кој траг од Тито и комунизмот да се избрише и отстрани од домот на Караѓорѓевиќ, затоа што, како што тој изјавил, “само диктаторите ја бришат историјата”.

Според сведоштвата, Тито и Даворјанка се запознале во текот на ноќта пред војната, а тогаш младата и убава студентка по француски јазик, со модерен и провокативен стил на облекување, веднаш се вљубила во моќниот и мистериозен партиски водич.

Авантурата прераснала во голема љубов и Зденка, како што ја нарекувал Тито, повеќе не се одвојувала од него. Во текот на војната, Зденка била главна придружничка на Тито во секој негов чекор, како негова лична секретарка.

Најблиските соработници на Тито не ја сакале Зденка, која била суетна, зајадлива, сакала да наредува, а многумина го советувале југословенскиот претседател да ја стрела.

Кога нејзиното влијание се зголемило дотаму што таа почнала да има свој удел во некои важни одлуки, било одлучено да се закаже состанок на најтесното партиско раководство со само една точка на дневниот ред: да се реши проблемот со Зденка.

По одреден период, Зденка се разболела од туберкулоза, поради што и заминала накратко во Русија, каде се лекувала, меѓутоа набрзо се вратила во Југославија за да биде покрај својот Тито. Сепак, болеста се вратила и таа умрела во 1946 година.

Сето тоа било голем удар за Тито, кој никому не кажал за смртта на својата голема љубов, туку наредил да ја погребаат во шумата околу Белата палата, која во тој период бил и неговата резиденција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top