| четврток, 6 декември 2018 |

Во Прилеп ќе се произведуваат греачи на седишта и волани за автомобили – нова инвестиција, нови 1.000 вработувања

GENTHERM_CIC_2

По шест месеци преговори, американска компанија од Детроит одлучи своите бизнис планови да ги прошири со инвестиција во Македонија. На својата интернет страна мултинационалната компанија Гентерм денес објави дека планира да вработи 1.000 лица во својата фабрика во Прилеп.

Премиерот Никола Груевски денес истакна дека оваа инвестиција е една од побрзо договорените, нагласувајќи дека се работи за голема компанија чие европско седиште е во Минхен, има фабрики на повеќе континенти и вработува над 8.000 лица.

-По разговорите што ги имавме со нив одлучија да градат фабрика во Прилеп за греачи на седишта за автомобили и волани за автомобили. Планираат во првата фаза да вработат 1.000 луѓе, но нивните планови се и понатаму да продолжат, така што можно е да стигнат и до 2.000 луѓе. Она што засега го гарантираат е дека ќе изградат фабрика со 1.000 вработувања. Според нивните укажувања планираат да започнат со градба некаде во март следната година и првиот погон да го завршат до крајот на 2015-та, така што некаде во 2016 да започнат со вработување и во рок од три години да вработат 1.000 луѓе, посочи Груевски.

Во преговорите, како што истакна премиерот, биле вклучени промоторите од Холандија и Минхен,неговиот советник за странски инвестиции Алек Никовски и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

-Сите вложија големи напори за да ги убедиме токму Македонија да ја одберат за нивна следна бизнис дестинација. Доколку компанијата остане на плановите ќе имаме една солидно брза реализација, посочи премиерот Груевски кој во изминативе два дена се наоѓа во Белград каде присуствува на Самитот меѓу шефовите на влади на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top