Македонската диригентка Елена Митревска која живее и работи во Виена е добитничка на престижната награда „Ервин Ортнер“ за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија во 2014 година. Наградата ја доделува Фондацијата „Ервин Ортнер“, чиј претседател е основачот и диригент на хорот „Арнолд Шенберг“ од Виена, и професор по хорско диригирање на Универзитетот за музика и изведувачки уметности, Ервин Ортнер.
Наградата е востановена во 1988 година со цел да го поддржи и стимулира развојот на хорската музика во Австрија и традиционално се доделува секоја година на еден млад хорски диригент или композитор кој твори на полето на хорската музика. Митревска, оваа година се впишува во листата на истакнати имиња кои се добитници на ова престижно признание во минатите години, а меѓу кои се и Jordi Casals, Johannes Hiemetsberger, Ottokar Prochazka и други. Елена Митревска дипломира на Одделот за музичка теорија и педагогија, насока хорско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година.
Своето образование го продолжува во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности (Universität für Musik und darstellende Kunst Wien), каде со највисоки оцени дипломира најпрвин на одделот за хорско диригирање (класа проф. Ервин Ортнер), а потоа и на одделот за оркестарско диригирање (класа проф. Урош Лајовиц), заедно со престижниот Виенски камерен оркестар. Митревска е добитник на почесно признание од страна на Универзитетот, како една од најистакнатите студенти на својата генерација. За време на студиите активно делува како диригент на неколку хорови во Виена, а го основа и ансамблот Глезум, со кој во 2013 години ги изведува Псалмите „Чичестер“ од Леонард Бернштајн.
Уште од почетокот на студиите е редовен член на Арнолд Шенберг хор, со кој настапувала во престижни сали како Musikverein, Theater an der Wien (Виена), Suntory Hall (Токио), KKL (Луцерн), на чии сцени музицирала под палката на големи диригенти меѓу кои Николаус Харнонкурт, Клаудио Абадо, Сајмон Ратл, Бернард Хаитинк и други. Од 2012 година работи како асистент на Арнолд Шенберг хор, како на концертните, така и на оперските проекти во Theater an der Wien. Во моментов е ангажирана и како хор мајстор за операта “La Straniera” од Белини, во која носечката улога ја толкува познатиот сопран Едита Груберова, а чија премиера е закажана за 14 јануари.
Идните проекти на Митревска во 2015 година вклучуваат и раководство на хорската и оркестарска недела со работилници, семинари и концерти во Хинтершмидинг, Германија, каде ќе го диригира Моцартовиот „Реквием“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.