Трет натпревар по ред Перо Антиќ беше отсутен од составот на Атланта хоукс, а причината е настинка. Иако македонскиот кошаркар излезе на паркетот, на шутерскиот тренинг пред дуелот со Чикаго булс, не одигра ниту една минута.
– Го очекуваме Перо за дуелот со Кливленд кавалирс. Се надевам дека ќе биде подготвен за игра – изјави Мајк Буденхолцер, тренерот на Атланта хоукс.
Перо ги пропушти и претходните два меча против Орландо, а Хоукс без него во последните три натпревари има две победи и еден пораз. Вкупниот ефект на тимот е извонреден и „јастребите“ со скор од 17-7 се на третата позиција во источната конференција.
Антиќ во новата сезона, што е втора за него во НБА-лигата, има просек од 5,3 поени по меч. Следен предизвик за него и за Атланта ќе биде силниот состав на Кливленд кавалирс предводен од големите ѕвезди Леброн Џејмс, Кајри Ирвинг и Кевин Лав.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.