Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров денеска ги оцени како непријателски новите санкции што американскиот Конгрес ги усвои против Русија, истакнувајќи дека Москва сака кризата во Украина да биде решена со уставни реформи и источните региони во кои се зборува руски јазик да останат со Киев.
– Ваквиот потег на САД, секако дека е непријателски. Претседателот Барак Обама сега треба да одлучи дали ќе го потпише или не тој закон, изјави Лавров.
Лавров нагласи дека на Украина и се потребни уставни реформи со учество на сите региони и сите политички сили, што ќе овозможат двата региони во источниот дел да останат во рамките на државата.
Американскиот конгрес усвои нацрт закон со кој се предвидува воведување дополнителни економски санкции кон Русија и истовремено го овласти претседателот Барак Обама да испрати воена и невоена помош на Украина во вкупна вредност од 350 милиони долари, вклучително антитенковско вооружување и муниција и тактички дронови за надгледување.
Белата куќа соопшти дека се уште не е одлучено дали претседателот Барак Обама ќе го потпише нацрт законот за воведување нови санкции кон Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


