
Мирка Велиновска
„Се одржа студентски марш во организација на Студентскиот пленум, СДСМ, Сорос и универзитетски професори самодекларирани како „левичари“ и стечајци. Демонстрираа против државниот испит со кој општеството ќе требаше да ја добие првата образована, писмена, способна, конкурентна, мислечка администрација и интелектуална, политичка, културна елита. За на државава конечно да ѝ тргне. За да функционира, за да расте и да се развива. За да живее слободно“, пишува Мирка Велиновска во колумната објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.
Понатаму, Велиновска во колумната под наслов „Оф! „Како је лепо бити глуп“ пишува:
„Гледајќи го маршот, фаците што насмеано се солидаризираа со оваа гротескна парада за одбрана на ниските стандарди во образованието, конечно си признав себеси дека Македонија и Хаити се судбински сврзани. Никогаш нема да им тргне. Нема да се фатат за рачката на последниот вагон во која било геостратегиска композиција што кинисала кон некоја возвишена и амбициозна цел. Многумина очајнички се борат да останеме „Македончиња“ во нефункционално „државиче“, кое „не го бива за што било“, за да може истите тие својата лична инфериорност да ја правдаат како екстерна вина. Задоволни се во мочуришен полумрачен амбиент, зашто недостигот од кислород и светлост им е природна животна средина. Длабоки реформи ќе го нарушат овој ендемски екосистем.
Образовниот систем во Македонија, кој жилаво се бори против мислењето и знаењето, очигледно е изграден за вечно да произведува зелкари. Лесно се одгледуваат, брзо се множат, а имаат многунаменска вредност. Образовната контрареволуција кај нас континуирано тече повеќе децении. И никој не ја победил“, вели Велиновска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


