| четврток, 6 декември 2018 |

Червар: Веспрем ни доаѓа во незгоден час

Ракометарите на Металург в недела на домашен терен ќе го пречекаат унгарскиот првак Веспрем во рамките на СЕХА-лигата. Од таборот на Металург не негираат дека противникот е голем фаворит, особено во овој момент од сезоната кога екипата е истрошена, а многу ракометари имаат повреди. Лино Червар на денешната прес-конференција повторно ги посочи проблемите со кои се соочува при составувањето на тимот.

– Веќе игравме со нив и ја видовме целата нивна сила. Досега речиси сите противници ги добија лесно. Тоа е една силна одбранбена екипа, имаат многу странци, ракометари на секоја позиција и за сите елементи, специјализирани дефанзивици, имаат играчи кои трчаат контра, одлични напаѓачи, така што потполнети се на сите места. Ние нашите недостатоци ќе ги надополниме со борбеност и ќе се обидеме да одиграме колку што можеме и сега и против Раднички во Крагуевац. Веспрем ни доаѓа во незгоден час, но сите гледаме да го одработиме овој меч и момците заслужено да се одморат и да се посветат на репрезентацијата. Дај боже сите да останат здрави, макар што веќе имаме повреди, Нелоски е надвор, Јоновски е повреден, Мојсовски се мачи со скршениот нос – изјави хрватскиот тренер Лино Червар.

Мечот се игра в недела во 19 часот, во „Борис Трајковски“. За Металург ќе биде шанса да мрдне од шестата позиција на табелата и 11 освоени бода досега. Веспрем, пак, ќе се обиде и со 11. натпревар да го сочува стопроцентниот ефект, на врвот на поредокот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top