Мето Колоски е еден од најмладите лидери на македонската дијаспора во светот. Во последните десет години со своите соработници во САД, но и на другите континенти, успеа од ОМД да создаде модерна организација, која успешно плива во сложените глобални сфери на интереси и тоа од главниот град на суперсилата. Колоски и луѓето што ја водат ОМД прават многу компромиси во обид да добијат поддржувачи во Сенатот, претставничкиот дом и Стејт департментот, но исклучуваат компромис за едно прашање – промена на името.
На континентот, поточно во државата каде што престојувате Вие и организацијата што ја водите, се одвиваат преговорите за името. Што значи за Вас решение за името? Колку евентуално решение би ја подобрило состојбата на Македонците во Америка?
КОЛОСКИ: За Македонците во САД не постои друго име освен Република Македонија и какво и да било друго „решение за името“ е неприфатливо. Проблемот што ѝ го наметна Грција на Македонија и на македонскиот народ е нејзин проблем за кој таа треба да си најде решение за себе. Доколку сме ние во прашање, името на нашата татковина е Република Македонија и така мора и да остане, доколку Владата на Република Македонија сака поддршка од македонската заедница во САД или од која било друга држава надвор од Македонија во која живеат Македонци. ОМД и македонската заедница во САД се активно вклучени во едуцирање на американските државни органи, институции и невладини институции. Еден од нашите адути е тоа што правото на самоидентификување е едно од основните човекови права со кое САД се гордеат, па така што притисоците од Грција за присилно менување на името на Република Македонија е неприфатливо за американските политичари доколку тие бидат повторно запознаени и едуцирани од наша страна за проблемот што го има Грција со нашето име.
Постои ли компромис за името што Вие би го поддржале со оглед на тоа што за Грција компромисот е нешто што за нас е апсолутно неприфатливо?
КОЛОСКИ: Македонија направи премногу компромиси во минатото, прифати неприфатливо име за користење во Обединетите нации и во други меѓународни институции, го смени Уставот, го смени знамето, кое е наше наследство, што, на некој начин, ги охрабри Грците и им даде зелено светло да продолжат да го прават тоа што го почнаа кога Македонија прогласи независност. Време е Грција да се соочи со судбината и со реалноста – дека македонскиот народ, јазик, идентитет и слободна суверена и независна Република Македонија постојат и ќе постојат, без разлика на тоа што Грција или грчкиот народ мисли или сака.
Каков е Вашиот став за прекин на преговорите за името во рамки на ОН ако се знае дека прекинот на преговорите од САД и од ЕУ ќе биде оценет како обид на Македонија да го урне процесот на барање решение?
КОЛОСКИ: Владата на Република Македонија направи голема грешка со тоа што не се повлече од преговорите во ОН по самитот на НАТО во 2008 година, кога членството на РМ во НАТО беше очигледно и јасно блокирано од страна на Грција. Уште поинтересно е што ни требаше одлука на Меѓународниот суд за правда за да му докажеме на светот дека сме во право, но таа одлука, сепак, не направи ништо за да ни помогне со блокадата за влез во НАТО што ни ја направи Грција. Никој не застана на наша страна да каже дека Македонија е во право, а Грција погреши, и како резултат на пресудата сега Грција мора да дозволи да влеземе во НАТО. Сегашната позиција на Владата на Република Македонија не е баш јасна, меѓутоа ОМД бара владата да ги прекине овие преговори и да бара од Советот за безбедност на ОН да изгласа нова резолуција во која Македонија понатаму ќе биде насловена како Република Македонија, а не ПЈРМ. На Македонија мора да ѝ бидат приоритет внатрешните реформи – како судството, човековите права, економијата. НАТО и ЕУ, исто така, треба да ѝ бидат приоритет на државата, меѓутоа само тогаш кога НАТО и ЕУ ќе бидат подготвени да ја примат Македонија во своите редови, а не да се молиме и да бидеме уценувани од страна на тие организации да си го смениме името и да го промениме нашиот идентитет. Владата на РМ не треба да дозволи Грција, НАТО или ЕУ да користат што било како аргумент против Македонија за влез во НАТО или во ЕУ освен името, така што битно е внатрешната домашна задача да биде завршена.
Какви се шансите прашањето за името да се префрли во Советот за безбедност и во Генералното собрание на ОН и таму да го вратиме уставното име?
КОЛОСКИ: Ако Владата на Република Македонија донесе одлука да ги прекине или замрзне преговорите, ОМД ќе застане зад таа одлука и ќе помогне активно да се лобира кај Советот за безбедност и кај Генералното собрание на ОН. Но да не бидеме преамбициозни однапред, ова одлука ќе бара целосна подготвеност од Министерство за надворешни работи, секој амбасадор, секој дипломат, секој обичен локален службеник да биде вклучен во работата. Се разбира, ќе бара и голема координација со Македонците во дијаспората и со нивните организации. МНР ќе мора да вработи и агенција за односи со јавноста на светско ниво, со докажани успеси, за да го смени имиџот на Македонија од земја што очајно се враќа во античката историја за да докаже нешто, до земја и народ што страдаат од Грција и од одлуките на Грција, што не ги уживаат основните човекови права, и земја што активно работи да биде светлина на Балканот во секој поглед. Откако владата ќе ја донесе оваа одлука, ОМД ќе почне маратонско лобирање низ цел свет за да ја брани и оправдува таа одлука пред сите државни и светски институции.
Прави ли доволно македонската дијаспора за матичната земја? Има ли воопшто капацитет да ѝ помогне на земјата, како што прават другите силни дијаспори?
КОЛОСКИ: Дијаспората праќа 1,5-1,8 милијарда евра годишно во Македонија, тоа е 18-20 проценти од домашното бруто-производство на РМ. Зар тоа не е доволно? Која друга дијаспора прави повеќе или има поголем придонес? Благодарение на дијаспората и на економската политика на РМ, РМ не е моментно во економска криза. Дијаспората е најголемиот амбасадор на РМ во странство и, да бидеме реални, во голем дел ја врши или помага работата на дипломатијата на РМ. Како мала држава, РМ зависи од активна, професионална, ефективна и влијателна дијаспора. Да не беше ОМД, Македонија немаше да ја види таа поддршка што ја има од Конгресот на САД или од Владата на Канада за признавање на името, или други успеси во минатото. Сепак, дијаспората може повеќе. Верувам дека со здобивање поголема доверба од страна на дијаспората во институциите на РМ, особено во судството, таа ќе прави уште повеќе за да помогне.
Почнуваат подготовки за следните претседателски избори. Остануваат ли републиканците како главен посакуван партнер за Македонија во надеж дека можат да помогнат за името или, сепак, се работи на повеќе полиња?
КОЛОСКИ: Тешко е да се каже дека ако републиканците дојдат на власт сѐ ќе им биде сјајно на Македонија и на регионот. Политиката на САД не се менува толку со промена на власт од една до друга партија. Помошта, можеби, ќе биде поголема, но, сепак, ќе имаме многу работа без разлика кој е на власт во САД. Републиканците, кои беа на власт до 2008 година, нема да бидат истите што ќе бидат во 2017 година, доколку добијат на изборите. Има многу млади кадри што знаат многу малку за ситуацијата на Македонија и ќе мора многу да ги едуцираме.
Може ли да кажеме дека периодот на Барак Обама е загубен период за Македонија во однос на спорот со Грција и влезот во НАТО и во ЕУ?
КОЛОСКИ: Жалиме што не е јасна и очигледна поддршката на САД за Македонија за време на администрацијата на Барак Обама, но, дефинитивно, не е сѐ загубено. Сѐ уште има време, имаме две години пред да замине Обама од претседателската фотелја. РМ има нов амбасадор во Вашингтон, кој, веруваме, доколку Владата на РМ и МНР му дадат целосна екипирана и финансирана амбасада, ќе ја врати силната поддршка на САД за членството на Македонија во НАТО. Се надеваме дека висок претставник на САД ќе допатуваа во Македонија за да ја искаже таа поддршка. Но, дефинитивно, ако дозволиме статус кво, нема да успееме. Има една македонска поговорка „ајде, ќе биде подобро“. Не можеме да ја чекаме 2017 година, времето е сега, мораме да бидеме проактивни. Заедно, обединети, можеме и ќе успееме.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Приватна архива
(Интервјуто со Мето Колоски е објавено во 118. број на неделникот Република, 5.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.