Хакерите, кои себеси се нарекуваат чувари на мирот, по пробивањето на системот на „Сони“, објавија многу тајни информации кои се однесуваат на висината на хонорарите на исплатените глумци, како и на тајните имиња со кои се служеле актерите за да ги задржат своите идентитети во тајност.
Меѓу хакираните информации сега во јавноста излегоа и преписки по електронска пошта меѓу продуцентот Скот Рудин и претставничката на „Сони“, Еми Паскал, во кои Рудин изнел многу лошо мислење за Анџелина Џоли.
Имено, судејќи според сѐ, на Џоли не ѝ се допаднала идејата Дејвид Финчер да го режира биографскиот филм за Стив Џобс, наместо римејкот на филмот „Клеопатра“, во кој Џоли би ја играла главната улога, пренесе „Гардијан“.
Преписките по електронска пошта меѓу Рудин и Еми Паскал почнале во февруари оваа година, па тој, меѓу другото, напишал: „Мора да ја замолчиш Енџи пред да му ја отежне цела работа на Дејвид со Џобс“.
„Филмот за Клеопатра нема да се снима (што всушност е лоша вест за егото на оваа жена, трошоците за филмот се надвор од моја контрола). А ти внимавај како ми се обраќаш, одговорила Паскал, додавајќи: „Немој е**но да ми се закануваш“.
Во уште една од пораките кои Рудин ги испратил подоцна, повторно се осврнал на Анџелина со зборовите: „Таа е неталентирано разгалено детиште. Мисли дека е нешто посебно, а всушност е целосно обична, единствено што го има тоа е славата. Не треба да се прави од мува слон, со неа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.