Песната, музиката е таа што нè сплотува сите – е генерално пораката на новата евровизиска песна, која ќе ја претставува Македонија на 58. издание на „Евровизија“ во мај во Малме, Шведска – објави „Утрински весник“. Според нивните информации, готов е делот на Есма, која овојпат ќе пее на ромски јазик, а кој го направи нејзиниот син и коавтор на „Империја“, Симеон Атанасов (музика и текст). Вокалот на Есма е снимен, останува да се доработи песната и делот на Влатко Лозаноски-Лозано. Се очекува до утре да биде комплетно завршена и спремна за Малме, каде што на 18 март ќе се одржи состанок на шефовите на делегациите и ќе се однесе конечната верзија на нашата евровизиска песна.
По реакциите во јавноста и одлуката за повлекување на „Империја“ бил повикан тим на автори со евровизиско искуство, кои ги задоволувале нормите што ги барала јавноста. Изборот паднал на Дарко Димитров, Лазар Цветковски и, секако, Симеон Атанасов, за делот на Есма, зашто тој најдобро знае што и како може да отпее Есма, која овој пат ќе пее на ромски јазик.
– Делот на Есма е комплетно изменет, нов, повторно е мој, и музика и текст, а аранжмански ќе го склопи Дарко Димитров. Оваа песна нема никаква врска со претходната. Комплетно е нова. Сега одиме повеќе на џипси-стил, нема толку етно мотиви како што имаше во „Империја“ – вели Атанасов за „Утрински весник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.