На седница на Влада вчера не стигнала за разгледување информацијата на МОН за проектот државен испит и тоа се очекува во наредните денови, соопшти денеска министерот Абдулаќим Адеми.
– Не успеавме да дискутираме поради голем број точки. Се надевам дека деновиве ќе има продолжение на седницата и ќе се дискутира за пакетот закони кои МОН ги достави до Владата како нацрт-закони. Тука се законите за педагошката реформа што ја најавивме пред неколку месеци, а, исто така, и измените и дополнувањата на Законот за високо образование, кои се однесуваат на државниот испит – изјави Адеми.
Додаде дека Владата кога ќе ги утврди како нацрт-текстови ќе им ги понуди на јавна расправа и дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати и заинтересирани страни. Потоа Владата пак ќе биде информирана за сите забелешки по што утврдениот текст ќе се достави во Собранието.
Во врска со негодувањето на дел од студентите и најавите за нов протест, Адеми повтори дека не отстапуваат од воведување на механизми за контрола и за подобрување на квалитетот на високото образование.
– Ги разбирам студентите, но ќе повторам, сè уште немаме утврдено ни модел, ни концепт за државен испит. Кога ќе го утврдиме ќе го дискутираме и со нив. Ако има издржани аргументи ќе ги прифатиме, но заедничка цел и на студентите и на Владата е подобрување на квалитетот на високото образование – рече Адеми.
Информацијата на МОН за реформата „државен испит“ е доставена и до универзитетите како концепт на Министерството, кој сè уште не е утврден од Владата. Адеми соопшти што содржи тој.
– Главно тоа што сме го кажале јавно – Одборот за акредитација ќе го спроведе целиот процес на државен испит, прашањата ќе ги составува Одборот заедно со експерти и тие ќе бидат јавно достапни. Ќе има двапати во текот на студирањето – по завршување на втора година и во завршната година. Нема да биде ограничен бројот на полагање на испитот, нема да биде нарушена автономијата зашто државата нема да се меша во креирање на прашањата и на целиот процес. Нема да се наруши Болоњскиот процес, нема да биде дополнителен товар за студентите. Тоа се нашите начела. Се надевам дека и Владата ќе ги прифати – истакна Адеми.
На прашање што ако универзитетите не се согласат, министерот одговори дека не секогаш МОН односно Владата ќе имаат усогласени ставови со универзитетите.
– Меѓутоа, наша заедничка заложба треба да биде подобрување на квалитетот на високото образование – додаде минситерот за образование и наука Абдулаќим Адеми по потпишувањето Меморандум за соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“ на УСАИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.