| четврток, 6 декември 2018 |

Проф. Александар Климовски ја поддржува идејата за државен испит

aleksandar klimovski

– Верувам во реформа која има искрена и добра намера и која стреми да го подобри квалитетот во високото образование и таа треба да се поддржи. Коректен е концептот каде што имплементацијата на државниот испит би се спроведувала од страна на Одборот за акредитација и евалуација во високото образование, пред се бидејќи тој  е независен орган – смета Александар Климовски, вонреден професор на научната област Право на друштва и раководител на мастер студиите по Корпоративно право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.

Според него, централна институција за спроведување на државниот испит би требало да биде Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, зашто  ќе се зачува уставно загарантираната автономија на Универзитетот.

Во интервју за МИА тој истакнува дека универзитетите не се изолирани ентитети и се создадени со една цел – да продуцираат кадри кои успешно, преку своето квалитетно стекнато знаење ќе придонесуваат во развојот на сите општествени текови, а не акцентот да го ставаат на комерцијализација на високообразовната дејност. Затоа, вели тој, не го разбирам револтот и протестот на студентите, бидејќи оваа реформа е во нивни интерес.

– Од моја перспектива, самиот студент мора да зграби што е можно повеќе знаење од она што ние како професори го нудиме. Преку тоа знаење тој во својата идна кариера ќе обезбеди подобра иднина за себе и за своите најблиски. Оттука, сметам дека не само што тие не би требало да се противат на проверка за тоа „колку зграбиле” од знаењето, туку напротив оваа реформа тие треба да ја поддржат – изјави Климовски.

Реформите во образованиот систем, смета тој, не треба да се политизираат и, како во оваа сиутација, треба да бидат решени со јавна дебата и со инпут од сите засегнати страни и преку борба на аргументите.

– Навистина постои една група млади граѓани кои протестираат, но сметам дека и на самите нив не им е јасно за што точно протестираат. Оваа конфузија во јавноста која се појавува е неосновна од причина што институциите кои го подготвуваат законскиот текст истакнуваат дека тој ќе биде отворен за дискусија со јавноста, каде секако се очекува дека ќе бидат вклучени и студентите.

– Пред се, сакам да истакнам дека верувам во реформа која има искрена и добра намера, и која стреми да го подобри квалитетот во високото образование и сметам дека истата треба да се поддржи. Не би сакал да дадам коментар за спецификите на државниот испит во Република Македонија од проста причина што истиот се уште го немаме видено во нацрт-законска форма, нешто што е најавено за текот на оваа недела. Од тоа што го слушнав преку медиуми, коректен е концептот каде што имплементацијата на државниот испит би се спроведувала од страна на Одборот за акредитација и евалуација во високото образование, пред се бидејќи истиот е независен орган и во последните неколку години успешно имплементира сериозни критериуми поврзани со акредитација на високообразовните институции, студиски програми и на наставници за истите. Сепак, истакнувам, дека е најсоодветно сите коментари да ги задржиме до моментот кога ќе видиме, конкретно, точно како е предвиден начинот на спроведување. Генерално, можам да оценам дека се работи за идеја која би требало да биде прифатлива и за која има позитивни споредбени искуства од разни европски земји- вели Климовски.

Во насока на градење на концептот тој верува дека ќе бидат имплементирани искуствата на државниот испит од земјите од Вишеградската група, кои имаат сличен развој во градење на регулативата во областа на високото образование. – Според мене, централна институција за спроведување на државниот испит би требало да биде, како што е и најавено дека ќе биде,  Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Со тоа, на извесен начин, ќе се зачува уставно загарантираната автономија на Универзитет, бидејќи Одборот е независен од извршната власт во своето работење, и е најкомпетентен оваа реформа да ја имплементира. Секако, Одборот, во таква ситуација ќе треба да соработува со високообразованите институции од каде што ќе се обезбеди базенот на прашања за секоја научна област. Во тој правец, Одборот ќе мора да донесе и Правилник со којшто ќе се уреди начинот на полагање на државниот испит, а со тоа и нормативно и институционално и практично ќе биде зачувана автономијата на универзитетите – објаснува професорот Климовски.

Тој го поддржува концептот кој беше најавен од страна на Претседателот на Владата, како и на претставници на Министерството за образование, кога ќе се објавен нацрт-законот истиот да биде подложен на јавна расправа. – Оттука, сметам дека во тој процес, ние како универзитетска заедница, заедно со другите засегнати страни ќе дадеме свој квалитативен инпут во разработка на ова решение. Во оваа прилика, би сакал да истакнам дека цело време, кога се дискутира за овој проект акцентот се става на мислењето на универзитетската заедница и студентите. Според мене, битен ќе биде и придонесот, меѓу другите, и на деловната заедница која младите академски граѓани ги вклучува во своите активности и ја цени нивната продуктивност. Затоа на оваа реформа треба да се гледа од една панорамска перспектива. Универзитетите не се изолирани ентитети, тие се создадени со една цел – да продуцираат кадри кои успешно, преку своето квалитетно стекнато знаење ќе придонесуваат во развојот на сите општествени текови, а не акцентот да го ставаат на комерцијализација на високообразовната дејност. И затоа, не го разбирам револтот и протестот на студентите, бидејќи оваа реформа е во нивни интерес. Имено, дента кога ќе ги напуштат просториите на факултетите и ќе се вклучат во пазарот на труд, доколку нивниот кванитет и квалитет на знаење е недоволен, тогаш ќе се јават нивните вистински проблем – додава Климовски.

Од негова перспектива, самиот студент мора да зграби што е можно повеќе знаење од она што тие како професори го нудат.

-Преку тоа знаење тој во својата идна кариера ќе обезбеди подобра иднина за себе и за своите најблиски. Оттука, сметам дека не само што тие не би требало да се противат на проверка за тоа „колку зграбиле” од знаењето, туку напротив оваа реформа истите треба да ја поддржат. Во овој процес секој треба да ја одигра својата улога: прво, државата преку градење на регулатива која нас како професори ќе не обврзе да се доградуваме и дообучуваме во текот на нашата професионална кариера (што веќе е реализирано со измени и дополнување на Законот за високо образование); второ, ние како професори тоа знаење имаме обврска да го пренесеме на таа млада академска популација на квалитетен начин; и, трето, студентите мора да имаат свесност дека од тоа знаење зависи нивната иднина, и идината на нашата држава. За младите студенти знаењето е една од најсилните алатки кои ги имаат на располагање. Во оваа ситуација имаме појава на еден интересен феномен. Навистина постои една група на млади граѓани кои протестираат, но сметам дека и на самите нив не им е јасно за што точно протестираат. Оваа конфузија во јавноста која се појавува е неосновна од причина што институциите кои го подготвуваат законскиот текст истакнуваат дека истиот ќе биде отворен за дискусија со јавноста, каде секако се очекува дека ќе бидат вклучени и студентите. Протестот во сиутација кога нема нацрт-закон, пред да се види точно како ќе изгледа концептот и како ќе биде операционализиран истиот, е непотребен. Реформите во образованиот систем не треба да се политизираат, и треба да бидат решени со јавна дебата и со инпут од сите засегнати страни и преку борба на аргументите. Оваа група на млади граѓани, доколку има свои ставови, какви и да бидат, ќе има повеќе можности да ги претстави истите – вели Климовски.

Според него во академската заедница имало слична одбојност кон реформите кои пред неколку години беа насочени кон дополнителни критериуми за избор на наставници, како и услови за стекнување  статус за ментор на магистерски и докторски студии. – Но денес, најголем дел од моите колеги, на Правниот факултет „Јустинијан Први”, ги исполнуваат истите услови и преку нив беа стимулирани да ја развиваат и продлабочуваат својата научна дејност на врвни глобални научни собири и во најпрестижните научни списанија. Во таа насока, тие што не ги исполнуваат тие критериуми, односно не објавуваат трудови од својата област, не присуствувале на меѓународни научни конференции и не напишале барем еден учебник, искрено и не заслужуваат титула универзитетски професор. На секоја мерка треба да и се цени целисходноста и мислам дека токму преку јавна расправа истата ќе може да се докаже за оваа реформа, а младите кои протестираат, токму во рамките на тој процес, се надевам дека ќе бидат разубедени-  објаснува професорот Климовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top