
Вардар е есенски шампион во домашното првенство, а според игрите сосема заслужено се најде на врвот по првата етапа од 17 кола. Со 38 бода и само еден пораз избраниците на Сергеј Андреев ја обоија бубамарата во есенски црвено-црни бои и од првата позиција ќе го чекаат продолжението на првенството во март.
Страшна серија во финишот на есенскиот дел имаше актуелниот првак Работнички, екипа што е најпостојана во последните десетина година во Македонија, а низата од девет меча без пораз, со осум победи и едно реми, е за почит.
Неподелено е мислењето дека повратникот во Првата лига, Силекс, е најпријатно изненадување, а Тетекс разочара.
Парите го вртат фудбалот, екипите со најголем буџет најуспешни и кај нас
Парите го вртат светот, па логично е висината на буџетот да е еден од најважните сегменти и во фудбалот, а така е и во Македонија барем според изгледот на табелата.
Скапиот проект на Вардар за наши услови засега функционира солидно, а според изјавите од таборот на најтрофејниот македонски клуб, првиот дел од шампионатот е само залет кон главната цел – настап во Европа.
– Есенски шампиони сме и од тој аспект сме задоволни иако, можеби, очекувавме да презимиме на врвот со поголема разлика. Сега ни треба одмор, па добри подготовки и секако две-три квалитетни засилувања на позициите каде што ќе оцениме дека ни е неопходен подобар квалитет. Се подготвуваме не само за битка за титулите во првенството и купот, туку и за Европа. Максимално сме мобилизирани и верувам дека полека, но сигурно ќе стигнеме до целта – вели Александар Васоски, помошникот на Сергеј Андреев.
Вардар имаше сигурна пловидба од стартот на новиот шампионат, но финишот малку го запре црвено-црниот брод. Ремито со Турново и поразот со Ренова во циклусот од последни четири натпревари ја стопи разликата во однос на Работнички на само три бода.
Романтичарите, во стилот на прекарот, имаа романтичен финиш во стравотно темпо во кое ги декласираа противниците сѐ до дербито со Вардар. Актуелните прваци имаа осум победи во серија, а на крајот не загубија ни-ту од лидерот во големото дерби. Натпреварот заврши со резултат 0-0 за надеж и за двете екипи.
– Задоволни сме како се одвиваа работите, особено во финишот од есенскиот дел. Вардар и Шкендија сѐ уште се главни фаворити за титулата. Тие имаат најголеми буџети, квалитетни екипи и можност да се засилат дополнително. Ние ќе си ја чекаме шансата за изненадување, а главна цел е да ја задржиме позицијата што води во Европа и, секако, да промовираме нови таленти од калибарот на Шишковски, Сулејманов, Зајков… – вели Игор Ангеловски, тим-менаџерот на Работнички.
Клубот е редовен учесник во европските квалификациски мечеви во последните десетина години и најуспешен промотор на нашиот клупски фудбал, а редовно произведува одлични млади играчи.
Според буџетот, и Шкендија е фаворит, но според бодовното заостанување од осум чекори зад Вардар, сепак, се чини дека титулата ќе биде преголем залак. Само кај нив од водечкото трио имаше смена на тренер во текот на новата сезона, си замина и Игор Митрески, поранешниот познат македонски репрезентативец, од менаџерската функција во Шкендија. Турбуленциите беа скапо платени и клубот од Тетово со 30 бода ќе ја има третата стартна позиција во продолжението од шампионатот.
Силекс пријатно изненадување, Тетекс разочара
Силекс до 2012 година беше единствената екипа, заедно со Вардар, што не испаднала од Првата лига. Трикратниот македонски првак ја мина голготата низ второлигашките терени, за една сезона се врати во елитата и ја заврши полусезоната на четвртата позиција со 25 бода.
– Силекс пријатно изненади и за мене тие се откровение во првиот дел од шампионатот. Одиграа доста квалитетни натпревари и заслужено се во горниот дел од табелата – вели Ангеловски.
За разлика од кратовци, разочараа текстилците од Тетово. Тетекс е поранешен прволигаш во силната Прва лига на Југославија, има искусен состав, но нешто не штимаше есенва. Дури во последното коло ја забележија првата победа, по пост од 16 кола, но, сепак, тоа е само слаба утеха за лошите претстави. Тетекс има само 6 бода и е убедливо последен. Продолжението на првенството ќе биде исклучително тешко и за Брегалница, Пелистер, Турново и за Ренова за да се избегнат двете позиции што водат во понизок ранг и следните две кои водат во бараж за опстанок.
Новиот систем на натпреварување од оваа сезона со 10 екипи донесе многу поголема неизвесност во изминатите 17 кола. Доволни се еден-два порази за да се премине од сигурната зона во зоната за испаѓање и обратно.
Хрватот Вручина наjдобар стрелец, тандемите на Шкендиjа и на Работнички наjефикасни
Хрватскиот интернационалец Бојан Вручина со 12 погодоци ќе презими на врвот како прв стрелец со добар просек од 0,7 голови по меч, а тој и клупскиот колега од нападот Христијан Кировски се најефикасен тандем по 17 рунди со вкупно 20 реализации. Веднаш зад нив е дуото на Работнички, Ацо Стојков (9) и Марјан Алтипармаковски (10), со заеднички ефект од 19 погодоци, со забелешка дека Стојков подоцна почна да игра за клубот од Дебар маало. По овој квартет е Изаир Емини со 7 погодоци, а тој ќе биде и во трката за најдобар фудбалер во 2014 година во конкуренција на Борче Маневски и на Благоја Тодоровски. Симпатизерите на фудбалската игра ќе може да гласат на официјалната страница на ФФМ до 11 декември, а кој ќе биде број 1 во домашниот фудбал во годината што изминува ќе се знае на 23 декември.
Рак-рана на домашниот фудбал, инфраструктурата и слабиот интерес на публиката
Од година в година, домашниот фудбал го мачат исти проблеми. Слабиот интерес кај публиката за следење на натпреварите од Првата лига останува рак-рана, исто како и лошата инфраструктура, комбинирани со скромниот квалитет.
Очигледен пример беше последното, 17. есенско коло и дербито меѓу лидерот Вардар и второпласираниот Работнички. Меч што одлучува за есенскиот шампион, на две екипи што беа најпостојани, со многу одлични играчи и излегоа на мегдан на нашиот најголем и најдобар стадион – националната арена „Филип Втори“. И сето тоа како добра најава привлече само околу 2.000 гледачи, што е мизерна посета во однос на европските натпревари што имаат примеса на дерби на полусезоната на лути ривали како Вардар и Работнички. Но, според тоа што го прикажаа на теренот, во скромна претстава со малку шанси, веројатно работите ниту во иднина нема да се сменат од корен. За привлекување публика на фудбалските стадиони треба макотрпна работа и натпревари што ќе се паметат. Кај нас такви има многу малку, што доведе до ситуација фудбалот да биде зад ракометот и зад кошарката според посетата на гледачите. Изјавата на рускиот тренер во Вардар за тамошните медиуми, дека на натпреварите во нашето првенство доаѓаат само 40 луѓе, а не 40 илјади, е блиску до вистината иако не им годи на сите што се инволвирани во домашниот фудбал.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 118. број на неделникот „Република“, 5.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


